-Со толку многу мои колеги доктори во сите советнички листи, во секој општински совет ќе може да направите мини општински поликлиники- пишува професорот д-р Нико Беќаровски на својот ФБ профил и сугерира да се воведе ден кога во општинските згради ќе има бесплатен консултативен преглед за граѓаните од таа Општината. Лекарите тргнаа по примерот на актуелниот министер за здравство д-р Венко Филипче кои е реномиран специјалист по неврохирургија и неговиот и неговиот заменик д-р Илир Хасани кој е специјалист по општа медицина и субцпецијалист по трауматологија.

 

Звучни имиња од редот на лекарската фела се кандидати за градоначалници и носители на советничките листи за локалните избори кои треба да се одржат во Македонија на 17 октомври годинава. По примерот на актуелниот министер за здравство, д-р Венко Филипче, кој е реномиран специјалист по неврохирургија и неговиот заменик д-р Илир Хасани, кој е специјалист по општа медицина и супспецијалист по трауматологија, во политиката се вклучуваат и други лекари кои се квалитетни во својата специјалност и супспецијалност. Како што образложуваат лекарите кандидати за локалните избори се вклучуваат во политиката за да може своето богато искуство да им му го понудат на широките народни маси и да има уште поголем бенефит од лекарската професија.

Дека се работи за забележителна бројка на искусни лекари коментира и професорот д-р Нико Беќаровски, специјалист интернист на Клиниката за токсикологија кој од почетокот на пандемијата на ковид-19 постојано е активен на својот фејсбук-профил, каде што дава одлични стручни совети за граѓаните. Тој, деновиве, токму на ФБ пишува дека со толку доктори во советничките листи, ќе може да се направи мини општинска поликлиника. Беќаровски дава предлог до сите негови колеги доктори кои се на советничките листи да направат мини општинска поликлиника.

-Со толку многу мои колеги доктори во сите советнички листи, во секој општински совет ќе може да направите мини општински поликлиники – пишува д-р Беќаровски и сугерира да се воведе ден кога во општинските згради ќе има бесплатен консултативен преглед за граѓаните од таа општина.

Д-р Арбен Таравари е во трка за втор мандат за градоначалник на Гостивар. Тој е лекар специјалист по неврологија и семејна медицина, а во трката се вклучува како претставник на Алијанса за Албанците. Официјализирањето на неговата кандидатура за уште еден четиригодишен мандат, наиде на голема поддршка на социјалните мрежи од граѓаните на Гостивар, кои го почитуваат и како лекар и како политичар.

Д-р Оливер Зафировски е специјалист педијатар, пулмоалерголог со над 32-годишно искуство. Работи во ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај деца Козле од 1989 година, каде беше и директор во период од 2006 година до 2017 година. Тој е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Карпош.

Доктор Зафировски во тек на својот мандат како директор го реновираше, но и изгради нов објект по сите светски стандарди, па Институтот во Козле кој беше стара дотраена барака стана болница која на пациентите ѝ нуди квалитетна здравствена нега. Инаку, д-р Зафировски беше советник во општина Карпош, во периодот 2009-2011 година, потпретседател на ОК Карпош во два мандата.

Д-р Сашко Николов е млад и квалитетен интервентен кардиолог од Штипската Клиничка болница, кој е во трка за градоначалничката фотелја во Штип , како кадар на СДСМ. Тој пред 4 години се префрлил од Скопје од реномирана приватна институција во штипската болница, со цел да придонесе повеќе за развојот на интервентната кардиологија и да понуди дополнителни услуги кои биле недостапни за пациентите од овој регион. Тој е актуелен градоначалник на Штип од декември 2020 година.

Д-р Ѓулистана Марковска е граѓански кандидат поддржан од коалиција „Со граѓаните ДОМ и ЛДП“ за градоначалничка на скопската општина Кисела Вода. Марковска е доктор специјалиста за очни болест, а има и политичко искуство како пратеник во првиот парламентарен состав на Македонското Собрание во 1991 година. Имаше уште еден пратенички мандат, од 1998 до 2002 година.

Носител на советничката листа на СДСМ во Град Скопје се најде и уште една жена лекар, специјалист по пластична хирургија, директорката на Универзитетската клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, Софија Пејкова. Таа покрај тоа што е искусен лекар се зафати и со целосно реновирање и осовременување на Клиниката за пластична хирургија.

ВМРО-ДПМНЕ ги избрала и носителите на листите во Ѓорче Петров и Бутел, а тоа се докторите Ленче Нелоска и Игор Николов. Д-р Ленче Нелоска е специјалист дерматолог и како успешен лекар-менаџер се докажа во десетгодишното успешно водење на најголемата здравствена институција во Ѓорче Петров – Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ – Геријатрија, институција која во нејзиното раководење освои многу признанија за успешна работа.

Д-р Игор Николов е специјалист интернист и тој во текот на изминатиов период е познат по неговите совети за тоа како да се справиме со епидемијата на коронавирусот.

Професорот и искусниот микробиолог д-р Никола Пановски е носител на листата за Советот на Град Скопје. Тој е специјалист со огромно искуство и меѓународно ценет стручњак, кој 24/7 е вклучен волонтерски активности, нудејќи помош и совети на граѓаните за полесно да ја пребродат епидемијата на ковид-19. Пановски се вклучува во локалните избори како претставник на Либерално демократска партија (ЛДП), кој ќе ја предводи листата за Советот на Град Скопје.

-На листата ќе имаме личности со интегритет на кои струката, семејството и народот им се пред сè, а не личните интереси… – кажа деновиве во своето обраќање пред јавноста проф. д-р Пановски.

Во Битола носител на советничката листа на СДСМ и коалицијата исто така е успешен лекар. Носител на листата е Александар Димовски – доктор специјалист по радиодијагностика вработен во Клиничката болница Битола.

Димовски извршувал и други функции, бил дел од раководниот тим на клиничката болница во Битола, началник на одделот радиологија во болницата, а моментно е и шеф на здравствениот тим на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер.

Во Струмица, пак, носител на советничката листата за локалните избори, за ВМРО-ДПМНЕ е младиот доктор, гинеколог д-р Никола Маџунков. Тој неодамна отвори современа поликлиника во Струмица.

(В.Ма.)