Лекарите со апел: Народе останете дома, чувајте нè, ќе Ви требаме

Коронавирусот стави во карантин 15 медицински лица, но и војници и полицајци  До  12 часот денес од Министерството за здравство информираат дека има 24 новозаразени, во повеќе градови во земјава, но најмногу во Скопје 15 лица. Вкупната бројка на заразени во земјава достигна 201 со ковид-19, а околу 10.000 граѓани се во изолација.

1072

Лекари, медицински работници, вработени во МВР и Армијата, мали деца, старци …пациенти од сите возрасни групи  се дел од 201 заболен со корона вирус во земјава, од кои над 120  се во Скопје.  До  12 часот денес од Министерството за здравство информираат дека има 24 новозаразени од повеќе градови во земјава, но најмногу во Скопје 15 лица. Околу 10.000 граѓани се во изолација.

Нови  4 лица со ковид-19 има во Куманово, во  Дебар  две, а  во Охрид , Штип  и  Тетово по едно.

Според местото на живеење, досега случаи на ковид-19 се регистрирани во:
-Скопје (123), Дебар (43) од кои 2 починати,  Куманово (15) од кои 1 починат, Штип (8)
-Велес (3), Охрид (3), Кавадарци (2), Прилеп (2),  Гостивар (1) и Тетово (1)

Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се испишани 2 пациенти кои на два контролни теста на ковид-19 имаа негативен резултат. Пациентите се во добра здравствена состојба и се пуштени на домашно лекување. Со ова во земјата досега има 3 излекувани пациенти и 3 починати.

 Новата експериментална терапија, која е комбинација на антибиотик „сумамед“ и лек  против маларија се тестира на Клиниката за инфективни болести  кај двајца пациенти што се лекуваат од ковид-19. Како што појасни министерот за здравство Венко Филипче  најпрво ќе им бидат направени кардиолошки испитувања, односно ЕКГ по што лекарите ќе утврдат дали ќе можат да го примаат лекот за да немаат контраиндикации. Комбинираната терапија ќе се дава само во болнички услови, а Министерството за здравство веќе прави план како таа да биде достапна и за лицата кои се на домашно лекување, а ги исполнуваат условите за што ќе биде организиран посебен транспорт до соодветната здравствена установа.

На Клиниката за Инфективни болести починатата  66-годишната пациентка  е од Дебарско. Таа десетина дена беше во критична состојба и на респираторна машина. Таа е третата жртва во земјава од ковид-19. Таа и нејзиниот сопруг беа дијагностицирани позитивни на коронавирус на 6 март, по доаѓањето од Италија. 

Разрешената директорка на Клиниката за кожни болести досега заразила петмина свои колеги, кои засега немаат симптоми. Филипче најави дека ќе останат во домашен карантин и во постојан контакт со Инфективна клиника. Досега биле тестирани само 30 од контактите со докторката, а останатите 170  деновиве ќе ги проверуваат етапно.

Потврдено е дека и тројца полицајци и двајца припадници на Армијата се позитивни на ковид-19 . Сериозни се бројките за здравствените работници  бидејќи 12 проценти од  нив се заразени или сомнителни со симптоми на болеста. Заболените лица се во изолација, а  бројката достигна 15 лекари и медицински сестри од Скопје, Дебар, Куманово и Кавадарци.

Во услови кога сме на почетокот на епидемијата тоа е висока бројка, реагираат повеќе лекари на своите фејсбук-профили. Еден од нив е и  д-р Нико Беќаровски,  од Клиника за токсикологија. Според него сериозно загрижува што овој број е голем уште на самиот почеток на битката.

– Значи, главната војна сè уште не е почната. Јас се надевам дека ќе остане на оваа бројка и следниот период нема да бидат драматични информациите, вели Беќаровски, Клиника за токсикологија.

Според него  неговите колеги треба да се чуваат  и да бидат многу внимателни, да се заштитуваат максимално.

-Чувајте се!!!! Народе, чувајте не, ќе Ви требаме!!!-пишува  на ФБ д-р Беќаровски.

На Инфективна  се лекуваат 35 пациенти, а кај  четворица пациенти кои се лекуваат во оваа установа, по 14 дневниот престој тестовите покажале дека повеќе немаат коронавирус. Тројца од нив деновиве и ќе ја напуштат клиниката доколку повтореното тестирање повторно биде негативно.

Според Филипче најмалото дете заболено од ковид-19, кое е од Скопје, е на домашно лекување, девојчето кое се лекува во Одделението за инфективни болести во болницата во Штип и момчето од Дебар, кое има 15 години, сите се во добра состојба бидејќи манифестацијата на болеста  е во лесна форма.

Во Прилеп се евидентирани првите два случаи на заразени од коронавирусот се работи за сопружници. Прилепскиот кризен штаб ги заостри превентивните мерки во градот. Зајакнати се контролите на автомобилите на сите четири влеза во градот и се врши дезинфекција на секое возило.

Коронавирусот  влезе и во Армијата

Подофицер и војник во Армијата на Република Северна Македонија се позитивни на коронавирусот ковид-19, соопшти денеска Генералштабот на Армијата. Двајцата извршувале работни задачи во гарнизонот Скопје, од кои едниот припадник извршувал работни задачи во воениот ресторан во касарната „Илинден“ како помошен персонал.

-Веднаш по сознанието за случајот на војничкиот ресторан извршена е целосна дезинфекција на истиот и преземени се сите потребни заштитно здравствено епидемиолошки мерки, а ресторанот ќе биде затворен наредните 24 часа при што на персоналот ќе му биде делен сув оброк. На целокупниот персонал за кој се претпоставува дека бил во контакт со лицето му е одредена изолација, и истиот од утре ќе биде сменет со комплетно нов персонал, информираат од Армијата.

Двајцата припадници кај кои е откриен позитивен наод, веќе претходните неколку денови биле превентивно во самоизолација откако членови на нивните семејства се посомневале во симптомите на можно постоење на ковид-19. Двајцата припадници не биле во странство.

Филипче: Вакцинирањето на учениците може да се одложи за два до три месеци

Новороденчињата и претшколските деца може да се вакцинираат во редовен термин, а за школските деца вакцината може да се одложи два до три месеца. Тоа е стручно мислење на Комитетот за имунизација, рече министерот за здравство Венко Филипче. Во однос на опасноста од ширење на вирусот при учество на верски собири, Филипче повтори дека забраната за масовни собири од Владата важи за сите.

Короната се шири низ Балканот

Според светската статистика  и официјалната мапа  до вчера до 14 часот ,  Македонија  е на трето место по број на заболени од корона вирусот на Балканот според  бројот  на жители:

– Словенија со 252 заразени на 1 милион жители

-Хрватска 102 заразени на 1милион жители;

-Македонија 100  заразени на 1милион жители;

-Црна Гора 83 заразени на 1 милион жители;

-Грција 71 заразени на 1 милион жители;

-Албанија 51 заразен на 1 милион жители;

-БиХ 51 заразен на 1 милион жители;

-Србија 35 заразени на 1 милиони жители;

-Бугарија 32 заразени на 1 милиони жители;

-Турција 22 заразени на 1 милион жители;

 

(В.Ма.)