Ја сакам Македонија, бев многупати. Во Македонија живее мојот син со семејството. Некогаш учествував на скопските фестивали, и тоа со забележителен успех. Доаѓав во Охрид и во рамките на турнеја на белградското списание „Практична жена“. Тоа траеше една недела.         Охрид е прекрасен, како да е на море. Се радувам што ќе го видам повторно.

 Секако, еден од оние што ја обележаа некогашната југословенска забавно-музичка сцена е легендарниот пејач од Белград, 82-годишен Лео Мартин. Неговото вистинско име е Миша Јовиќ, а поради успешната кариера што ја имаше во Германија и во западноевропските земји, ги присвои уметничкото име и презиме Лео Мартин. Тоа остана така и така сите го знаат, речиси никој како Милош Миша Јовиќ.

И сега да не должиме, тој Лео ова лето ќе настапи на меѓународниот фестивал „Охрид фест 2024“, на интернационалната вечер на 31 август. Песната по која сите го памтиме е „Одисеја“. За таа песна, на сцената на фестивалот, Лео Мартин ќе ја добие значајната награда за безвременски хит евергрин.

„Одисеја“ е песна на неговиот живот. Имено, композицијата „Одисеја“ евидентно стана евергрин, добивајќи уште едно признание, со што „Охрид фест“ останува доследен на својата цел да ги почитува големите имиња од  југословенската естрада, сите оние што оставиле трага во музиката и, фала му на Бога, се живи и музички активни. Низ овој муабет со Лео Мартин, дознавме многу интересни работи.

– За почеток, кратко, но содржинско прашање за ова време-невреме во кое преживуваме:

0 Како сте Лео, каде ве наоѓам сега? Како ви се обраќаат најчесто, со името од личната карта, како Милош, или со вашето уметничко име, како Лео?

– Сите ме викаат Лео, а сопругата и нејзиното семејство ми велат: Здраво, Мартин. Единствено мојот покоен пријател, композитор и диригент, големиот Војкан Борисављевиќ ми се обраќаше со моето вистинско име, Милош.

0 Имате ли спомени врзани за Македонија, дали досега сте биле во Охрид?

– Да, ја сакам вашата земја, бев многупати. Во Македонија живее мојот син со семејството. Некогаш учествував на скопските фестивали, и тоа со забележителен успех. Се сеќавам на песните „Да нема разделби“, „Билјана“… Во Охрид бев во рамките на турнеја на белградското списание „Практична жена“. Тоа траеше една недела. Охрид е прекрасен, како да е на море. Се радувам што ќе го видам повторно.

0 Вашата најголема популарност се случи во 70-тите и 80-тите години од минатиот век. Тогаш се роди хитот „Одисеја“, со кој, за жал, не заминавте на Евровизија, но стана вистински евергрин. Годинава, на „Охрид фест“ е прогласена за безвременски хит. Како реагирате на тоа што сè уште се помни „Одисеја“?

– „Одисеја“ е вонвременска песна, сè почесто ја пеат млади, на разни музички натпревари, прослави, забави… Тоа е мошне добро, бидејќи добрата музика сè уште се слуша. За жал, денес музиката повеќе се гледа одошто се слуша, а со тоа престанува музиката. Што се однесува до фестивалското признание, се разбира дека бев почестен што „Одисеја“ е прогласена за безвременски хит. Навистина ми е голема чест.

0 Вашата биографија ја красат интернационалната кариера и големите хитови како што се „Лаку ноќ, драга…“, „Ја те волим“, „Збогом, Кристина“… На што со задоволство се сеќавате од Вашата богата кариера?

– Првите плочи почнав да ги снимам во странство, во 1968 година, за CBS, „Let Me Stay“ и други песни што по лиценца пристигнуваа во Југославија. Домашната кариера ја започнав со песната „Волите се, људи“ од Корнелије Ковач, потоа „Барбара“ од Вељко Вујичиќ. Најуспешен дел од мојата кариера е токму соработката со Војкан Борисављевиќ, со кого ги снимив најдобрите песни: „Одисеја“, „Ја те волим“, „Збогом, Кристина“, „Лаку ноќ, драга“, „Добро вече, мој животе“, „Песмо моја“ и други. Тоа е период на кој со задоволство се сеќавам.

0 По толку многу песни, турнеи, концерти, новинарски интервјуа… кој е советот што би им го дале на оние што допрва почнуваат со естрадна кариера?

– Совет?! Ако мислат да се занимаваат со музика цел живот и да остават некаква трага, тогаш треба многу сериозно да ја сфатат таа работа. Да се музички образовани, точни и талентирани. А, инаку, треба многу да се работи, да се вежба, да се слуша. Во спротивно, сè е со краток здив и губење време. Самиот живот брзо поминува. И, дај Боже, секој од нас здраво да старее, бидејќи живееме во нездраво време на секакви болештини. Бидете искрено задоволни ако сте здрави, и физички и умствено. Тогаш вие сте најсреќниот човек.   Д.М.