Левица: Со 6.000 денари што дозволи да се користат и во кеш, Владата сака да ги замаскира своите погубни политики

191

Привршува реализацијата на антикризните мерки кои се директна помош на граѓаните и компаниите од четвртиот владин пакет. Во најава е дека наскоро ќе има нов, петти, но без конкретни податоци за тоа што ќе содржи и како ќе се реализира.

Додека Владата работи на креирање нови мерки кои треба да помогнат за излез од кризата, но и да се оствари планираниот економски раст од 4,1 процент наредната година, мерките кои се уште се спроведуваат се изложени на критики од јавноста, невладини организации, партии… За најпроблематична се смета мерката за исплата на 6.000 денари за одредени категории граѓани, чиј концепт се смени при реализацијата иако Владата го негира тоа, а создаде револт не само кај граѓаните кои не се, туку и кај оние кои се опфатени со неа.

Меѓу критичарите на оваа мерка е и паријата Левица која оценува дека во услови кога државата е во економски, па и во целокупен политички колапс, веројатно власта сака колку толку да ги замаскира своите погубни политики пред народот, па затоа овозможува тие 6.000 денари да се користат дури и во кеш.

-Но испадна дека тоа е само лош пиар, бидејќи оваа сума, во услови кога има толку зголемена невработеност и луѓето не знаат како ќе сврзат крај со крај, само уште  повеќе го пробуди гневот кај народот, а да не зборуваме за тоа што не се опфатени сите категории. Решението не е во еднократната помош и стимулација на сиромаштијата, туку во преземање на порадикални чекори и мерки за решавање на ситуацијата. Ниту Бугарија со донација на вакцини ќе ни го реши проблемот, ниту ЕУ. Можеби е време да се свртиме кон посилни економии како што е Кина, за да отвориме пат кон системски коренити промени, велат од Левица за весникот ВЕЧЕР.

За разлика од други земји во опкружувањето во кои финансиска помош имаше за сите граѓани, кај нас се одеше на селектирани групи, повеќето етикетирани како ранливи, од кои едни директната финансиска понмош ја добија летоска, со третиот антикризен пакет, а други сега со четвртиот пакет. Најавувајќи нов пакет мерки кои ќе се подготвуваат до крајот на овој и почетокот на наредниот месец премиерот Зоран Заев не прецизира што ќе има во него и дали директната финансиска помош ќе се прошири и на други категории граѓани.

Тој вели дека како и останатите, така и новиот пакет ќе се договори со синдикатите и коморите. Според него, ако коморите и работниците кажат дека некоја мерка е добра, Владата ќе ја поддржи, а и ќе им се излезе во пресрет за мерките што ќе ги предложат ако се издржани.

-Важно е да се дискутира со нив за да помогнеме во надминување на кризата. Во време на пандемија успеавме да направиме четири пакети со економски мерки и сите  анализи покажуваат дека со мерките се зачувуваат работни места и се помага на ранливите категории граѓани. Ова е период во кој си помагаме едни на други за полесно да ја поминеме оваа фаза. И со четвртиот пакет-мерки постигнавме солидни резултати, дури 58.000 работници ја користат мерката за минимална плата, за три месеци тоа се 170.000 плати. Почна и исплатата по 6.000 денари директно на сметката на граѓаните, рече Заев во телевизиско гостување.

Тој истакна дека социјалниот дијалог е исклучително важен во овој период и оти Владата покажува слух за постојана соработка со работниците преку нивните синдикати и со бизнисмените преку нивните комори.

-Врз основа на социјалниот дијалог ги решаваме сите ситуации. Не може ние да помагаме, а компаниите да испуштат работници, затоа реков социјалниот дијалог е важен. Покрај фирмите и синдикатите се во тој дијалог. Ние решаваме случај по случај само за да може секој до последен да ги искористи мерките на Владата, ако ги исполнува условите. Затоа и многу пати посредуваме административно за секој што има некаква пречка да ја надмине за да може да се пријави за некоја од мерките, значи имаме разбирање за сите, наведе премиерот.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ, за весникот ВЕЧЕР открија дел од мерките што ќе ѝ ги предложат на Владата. Тие бараат помошта за компаниите и помошта за плати да продолжи и во наредната година. Но, бараат овој пат конечно да се прифати нивното барања помошта за плати да легнува директно на сметките на работниците, па инсистираат УЈП конечно да го набави софтверот што ќе го овозможи тоа. Исто така, заедно со Сојузот на стопански комори ќе предложат нова мерка за помош на угостителите кои се меѓу најпогодените од кризата.

(С.В.)