Левица нема да попушти во блокирање на Парламентот

118

Закон за државјанство со европско знаменце утре треба да се најде пред пратениците за гласање по скратена постапка. Предлагачите од Алијанса за Албанците и Алтернатива очекуваат да биде изгласан до крајот на месецов. Но, предлог законот со кој што се прават измени во критериумите за добивање македонско државјанство во првиот обид беше блокиран од Левица уште при комисиската расправа, а партијата најавува повторно блокада. Крмов, деновиве најави дека Левица ќе предизвика целосно запирање на работата на Парламентот и на сите закони кои што се во процедура или пак ќе бидат испратени. А, доколку помина во Собрание законот ќе го оспорат и пред Уставниот суд.

Претходно, премиерот Зоран Заев ја повика Левица да објасни што е спорно во Законот за државјанство, а партискиот лидер Димитар Апасиев наброја 11 аргументи поради кои се одлучиле да го блокираат Собранието.

– Законот не се однесува на бездржавјани туку на лица кои веќе имаа косовско државјанство – т.е. наместо на апатриди, се однесува на бипатриди! Второ, Законот е спротивен на Европската конвенција за државјанство на Советот на Европа од 1997 год. (која ние ја ратификувавме во 2002) и е во директна спротивност на Конвенцијата на СЕ за намалување на случаите на повеќедржавјанство (1963). Трето, Законот, по трет пат од распадот на СФРЈ (1991), ќе дава државјанство по пат на сукцесија – што е единствен пример на бившите југословенски простори.  Четврто, Законот не бара ефективна врска со државата која го издава државјанството, што е непознат феномен! Петто, Законот не предвидува познавање на македонскиот јазик како услов за стекнување државјанство преку т.н. „олеснета натурализација“. Шесто, Законот предвидува давање државјанство со обични копии од платена сметка за струја!? (феномен непознат во светот). Седмо, Законот не бара да се има извор на егзистенција, како досега (што значи новите државјани идат директ на товар на државата). Осмо, Законот го намалува постојаниот престој за издавање државјанство на само 7 години! Деветто, во случај на реинтеграција, непрекинатиот престој се намалува од три на само една година! Десетто, проблемот на овие луѓе е институционален, а не легислативен (Македонија треба да цели кон поострување, а не кон либерализација на условите за стекнување државјанство). Единаесетто, Законот е во функција на нов вештачки етноинженеринг, во насока на фалсификување на демографската реалност, во очи на илегалниот Попис… p.s. Премиере, има још сто АРГУМЕНТИ и причини, ама еве за почеток овие десетина се доволно, му порача Апасиев на Заев. За бурните реакции околу Законот за државјанство, кој е во собраниска процедура, премиерот објасни дека со него е олеснета процедурата за добивање државјанство.

-Законот за државјанство ако не го пуштевме, Алтернатива и Алијанса ќе го блокираа, ако го пуштиме – Левица ќе блокира. Ние имаме граѓани во државата коишто по закон треба да добијат државјанство, а не добиле. Со новиот Закон се проширени критериумите и е олеснета постапката за добивање, вели премиерот Зоран Заев. Додаде, дека не ја слушнал замерката од Левица, а би решил ако знае која е причината.

-Тие велат: „Ве блокираме“, сакам да знам кој е проблемот во законот. Ние седнавме со АА/А и најдовме решение. Иако Левица е помала политичка партија, јас би сакал да го решиме заеднички проблемот, рече Заев. (Е.А.)