Лебот поскапе за 10 отсто, а кога ќе се создадат услови, ќе се врати старата цена

Белиот и полубелиот леб на парчиња поскапеа за 10 отсто и наместо за 29, се продаваат за 33 денари. Причина,според познавачите на состојбите на пазарот, е зголемената цена на суровината – пченицата на светските берзи и во Србија, од каде што набавуваме најголем дел за домашното производство на леб. Велат дека со жетвата на домашната пченица, цената ќе падне, а онаа на лебот ќе се стабилизира, односно ќе се врати по старо

1890

Белиот и полубелиот леб на парчиња поскапеа за 10 отсто и наместо за 29, се продаваат за 33 денари. Причина, според познавачите на состојбите на пазарот, е зголемената цена на суровината – пченицата на светските берзи и во Србија, од каде што набавуваме најголем дел за домашното производство на леб. Велат дека со жетвата на домашната пченица, цената ќе падне, а онаа на лебот ќе се стабилизира, односно ќе се врати по старо.

– Цените на лебот одамна се одмрзнати и тоа не е причината за зголемување на цената на лебот. Причина се зголемените цени на пченицата на светските берзи. За период од месец и пол, цената на пченицата се зголеми за 20 отсто, потоа малку се намали и сега е повисока за околу 10 отсто. Се очекува дека ќе се намали цената на пченицата во текот на жетвата и дека ќе се стабилизира цената на лебот – изјави за ВЕЧЕР Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Тој додава дека и Србија, од каде што се снабдува со суровина најголем дел од пекарската индустрија во државата, ги зголемила цените на пченицата. Се очекува, со жетвата на домашната пченица, цените да паднат, а цената на лебот да се врати по старо.

Од пред два дена, и другите помали пекарници доставиле нови ценовници до трговците. Инаку, мерките на Владата за гарантирана цена на белиот леб од 500 грама, кои беа замрзнати до март, престанаа да важат. Сега производителите можат слободно да ја формираат цената.

Дел од малите пекарници ја зголемиле и цената на переците, кои сега чинат 40 денари, а има нови цени и на кифлите и на ѓеврекот. Засега останува иста само цената на питите и на бурекот. Тие се продаваат за цена  од 80 до 100 денари за четврт.

Пред еден месец, претседателот на Агрокомората при ССК, Горан Георгиевски, рече дека цената на лебот засега ќе биде стабилна. Но, веднаш потоа откако ја даде изјавата, цените на пченицата на светските берзи пораснаа за 20 отсто.

– Цената на лебот ќе остане иста, стабилна е. Не знаеме што ќе се случува во однос на војната во Украина и на Блискиот Исток, која директно се рефлектира на цената на нафтата, не знаеме ниту каква ќе биде жетвата во Русија и во Украина и што ќе се случува со производството на жито. Повеќе параметри влијаат на финалната цена, но во овој момент ќе има иста цена на лебот. Инаку, ние стоиме зад либералниот концепт што го заговараме, дека секогаш понудата и побарувачката треба да ја одредуваат конечната цена. Малку помош имаше бизнисот во изминатиот период за да се овозможи да има некоја соодветна ниска цена. Бизнисот ја износи кризата, која трае две години, на свои плеќи, за разлика од регионот, каде што другите држави имаа сериозна помош – субвенционирана цена на електричната енергија од 80 евра за мегават-час, активирање на стоковните резерви, кои дојдоа до бизнисот и овозможија пониски цени. Кај нас не беше така и практично овозможивме многу ниска цена на производите, иако немавме никаква помош и субвенции од државата – изјави тогаш Ѓорѓиевски.

Што се однесува, пак, до домашното производство, годинава се очекуваат подобри и поголеми приноси на пченицата и на јачменот. И покрај тоа што моментално сè уште официјално не се почнати откупот и жетвата, последните информации од терен покажуваат дека цените се движат од 8 до 10 денари за килограм.

Земјоделците бараат, пред почетокот на жетвата, да се направи калкулација за нова производна цена за пченицата за да не работат со загуба.

На светските берзи, пченицата го достигна својот максимум и деновиве се продаваше по цена од 27 денари за килограм.

Во земјава, во просек се произведуваат околу 250.000 тони пченица. Овие приноси не се доволни, па за да се покријат основните потреби на населението, се увезува пченица од странство.

(А.С.)