ЛДП почна да го ситни мнозинството на СДСМ во парламентот?

76

Иако било одлучено уште пред шест месеци, двајца пратеници од Либерално-демократската партија токму сега ќе почнат да настапуваат самостојно во Собранието. Нејасно е зошто партиската одлука ќе се реализира токму сега, во моментот кога секојдневно се подгреваат шпекулациите дека пратеници од помалите партии „ќе му избегаат„ на Заев и ги поддржуваат одлуките на опозициската пратеничка група. Иако и СДСМ и ЛДП испратија соопштение дека ваквиот чекор не ја загрозува владејачката коалиција, лидерот на СДСМ Зоран Заев не е среќен за одлуката на двајцата пратеници. Вели одлуката е легитимна, но моментот не е соодветен.

-Ваквиот исчекор од страна на ЛДП е апсолутно испраќање на јасна порака која е повредување на коалициониот или заедничкиот настап. Одлуката мислам дека е донесена во текот на формирањето на владината коалиција, ние сме традиционално парламентарна коалиција, и постојано чекаат кога е соодветен момент за да може да имаат самостоен настап, одговорот е за да имаат поголема видливост затоа што помалите партии наводно биле претопени во големите партии јас го разбирам тоа, тоа е право на секој пратеник од коалицијата. Ама дека не е соодветно времето сега, не е соодветно времето. Во вакви околности кога опозицијата тврди дека може да формира мнозинство, а власта тврди дека тоа апсолутно не е возможно ваквиот исчекор од страна на ЛДП апсолутно е испраќање на јасна порака која е повредување на коалициониот или заедничкиот настап“, истакна Заев.

Таквата одлука на ЛПД, нагласува тој, дава причини новинарите и медиумите, како и народот да се запрашаат – колку и која е вистината за тоа парламентарно мнозинство.

„Воопшто не е потребно тоа токму сега да го направат, можело да се почека 15 дена, месец дена, кога ваквата актуелност на темата ќе помине, но сепак ЛДП е друга политичка партија – тие си имаат свои органи и тела на одлучување како одлучиле или не. Јас синоќа искомуницирав преку генералниот секретар на СДСМ дека ова го сметам за удар врз СДСМ. Зошто? Заради тоа што не е вистински временски одмерено тоа да се случи, инаку целосно е нивно право и тоа го почитувам. Нема што, сепак одлучија така да постапат, респект, почит за секој посебен политички субјект, но дефинитивно е еве причина денеска јас да одговарам на прашањата зошто е ова вака, дали е точно, дали парламентарното мнозинство постои или не. Јас верувам дека постои парламентарното мнозинство и дека во многу брзо време ќе го докажеме, ако не и повеќе од тоа што го имаме, односно повеќе од 62“, изјави Заев.

Либерално-демократската партија вчера соопшти дека донела одлука за самостојно делување на своите пратеници Моника Зајкова и Боби Мојсоски. Оваа одлука била донесена на седница на Централниот одбор на партијата уште од месец август 2020 година, но сè уште не била реализирана од, како што велат, објективни причини.

Сепак, како што велат и од СДСМ и од ЛДП, тоа не го доведува во прашање парламентарното мнозинство, затоа што либералдемократите остануваат дел од владејачката коалицијa.

ЛДП има право самостојно да одлучува, но тоа не влијае во односите во коалицијата, коментираат од СДСМ, по одлуката на двајцата пратеници да настапуваат самостојно, а не како досега, како дел од пратеничка група.

„Мнозинството во Собранието и коалиција во Владата се стабилни, посветени на реализација на утврдените цели и програми, во интерес на граѓаните. ЛДП има право самостојно да одлучува за својот партиски пристап кон јавноста, но тоа никако не влијае во односите на коалицијата и активностите што се пред нас. Постојаното пласирање лажни вести се само за внатрешна употреба во ВМРО ДПМНЕ“, гласи денешната реакција на СДСМ откако коалициониот партнер ЛДП вчера објави дека двата нејзини пратеници ќе делуваат независно надвор од коалицијата.

И лидерот на Либерално-демократската партија Горан Милевски неодамна изјави дека нивната коалиција со СДСМ останува стабилна.

„Коалицијата со СДСМ е стабилна. Владата има политичка стабилност и сите ние сме посветени на реформите“, изјави претседателот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски.

Во јавноста кружат различни шпекулации и сите очи сега се вперени во помалите партии, откако беше објавено дека наскоро ќе се случи прелевање на пратеници од владејачкото мнозинство во опозицискиот блок. Засега останува неизвесно кои се тројцата пратеници кои наскоро ќе почнат да делуваат заедно со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата опозициска партија минатата недела се пофали дека на нивна страна обезбедиле тројца пратеници од помалите партии кои претходно биле дел од владејачкото мнозинство.          (Ј.Ц.Г.)