Американскиот кошаркар Хасани Гравет (24 год, 188 см) е најновото засилување на МЗТ Скопје Аеродром, откако потпиша едногодишен договор со клубот

Станува збор за одличен плејмејкер, кој лани во август потпиша договор со НБА-екипата на Орландо меџик, за која, сепак, не заигра, со оглед што беше префрлен во филијалата на овој тим во Џи-лигата, Лејкленд меџик.

Во втората по квалитет професионална лига во САД, Гравет просечно реализираше 11,7 поени со 4,1 скок и 3,4 асистенции. Негови главни оружја се брзината, агресивноста, одличниот преглед на играта и шутот за три поени.

Гравет е второто странско засилување за нашиот тим во пресрет на новата сезона, по продолжувањето на договорот со Феми Олуџоби. Тренерот Ѓорѓи Кочов во моментов на располагање има и шест македонски репрезентативци и тоа Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ и Филип Бакоч.