ЛАГ-овите во Македонија ќе бидат мотори на локалниот развој

100

По примерот на Словенија и Македонија лани формираше 13 Локални акциони група – ЛАГ, кои годинава беа поддржани со вкупно 14 милиони денари. Овие пари за кои ќе можат да аплицираат до 18 април ќе можат да ги искористат за реализација на повеќе проекти чија цел ќе биде поголем регионален развој, поддршка на руралните бизниси, проекти за развој на инфраструктурата, развој на руралниот туризам…Секој ЛАГ поединечно на располагање ќе има максимум 800 илјади денари.

Како што појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски парите се обезбедени од Програмата за рурален развој, а ЛАГ-овите ќе добијат целосна финансиската поддршка за активностите и инвестициите. Корисниците ќе имаат опција за авансна исплата во висина од 40 отсто на инвестицијата.

– ЛАГ-овите се облик на јавно приватно партнерство во кое се вклучени земјоделци, земјоделски здруженија, бизнис заедницата и локалните самоуправи. Успешното функционирање на овие организации има директен бенефит за развој на секоја заедница, општина и секое рурално населено место. Најважно од се е тоа што овој модел на функционирање овозможува значително подобрување на условите за живот во руралните подрачја, пред се од аспект на развивање на економијата, инфраструктурата, културата – изјави министерот Николовски.

Тој додаде дека МЗШВ ќе работи на формирање на нови ЛАГ-ови, а оптималниот број на вакви акциони групи кои можат да постојат на територијата на Македонија е 25. Засега вакви Локални акциони групи нема само во регионите Ресен и Охрид.

Како што појасни директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски повикот трае 30 дена, а барањата треба да бидат доставени најдоцна до 18 април годинава.

– Барателите претходно ќе потпишат договор со Агенцијата, а ќе добијат 100 отсто финансиско покритие на активностите и инвестициите. При тоа корисниците ќе имаат опција за исплата на аванс пред реализација на инвестицијата или за исплата на целата сума по реализација на инвестицијата, додаде Бабовски.

(А.С.)