Лагард бара државите да продолжат да им помогаат на граѓаните

20

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, нагласи дека нејзиниот најголем страв не е дека Европската унија ќе има многу долгови, туку дека владите можат „брутално“ да ги прекинат стимулативните мерки.

Според неа, таквите програми мора „постепено“ и внимателно да се релаксираат.

– Ова е најтешкиот, најсуптилниот момент кога треба да се направат проценки, изјви Лагард во интервју за Си-Ен-Ен.

Владите издвоија милијарди долари помош во текот на изминатата година за да го ублажат економскиот шок предизвикан од пандемијата, со поддршка на централните банки, како што е ЕЦБ.

Европските лидери исто така одобрија пакет за економско закрепнување од 1,8 милијарди евра и буџет за помош во зајакнувањето на економиите на ЕУ кога ќе помине кризата, според американската телевизиска мрежа.

Лагард, сепак нагласува дека дури и кога економијата почнува да се подобрува и закрепнува, политичарите не треба да ја повлекуваат поддршката прерано.

Во својата најнова прогноза, објавена во декември, ЕЦБ најави дека европската економија ќе порасне за 3,9 проценти во 2021 година, а производството ќе достигне нивоа пред пандемија до средината на 2022 година.

Лагард истакна дека таквите прогнози во голема мера зависат од вакцинацијата, која има бавен почеток во Европската унија.