Лавров: Русија не сака ескалација, но западните политичари се однесуваат како деца

50

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија не сака да ескалира тензиите со западните земји, но дека, како што наведе, „политичарите на овие земји се однесуваат како деца“.

„Не сакаме ескалација… Се чини дека западните политичари навистина имаат менталитет на дете, иако заземаат одговорни позиции како возрасни: министри, премиери, канцелари, претседатели“, рече Лавров во интервју за Скај њуз Арабија.

Лавров нагласи дека неколку месеци во светот се разговара за тоа како Русија наводно само се заканува и зборува за „црвени линии“.

„Во исто време, западните земји постојано ги преминуваат и ништо не се случува“, рече тој.

Рускиот министер рече и дека одлуките да му се дадат на Киев западни ракети со долг дострел и да му се дозволи да гаѓа руски цели ќе предизвика директна војна меѓу НАТО и Руската Федерација, пренесува Танјуг.

„Ако зборуваме за ракетно оружје со долг дострел, тогаш сите разбираат дека самите Украинци нема да можат да го користат. Насочување, сателитски податоци, мисии за летови – сето тоа може да го направат само експерти од земјата што го произведува ова оружје “, заклучи Лавров.