Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план предложен од Украина, како и најновите предлози на ОН за заживување на договорот за извоз на украински жита преку црноморските пристаништа „не се реални“.
Лавров зборуваше по една недела интензивна глобална дипломатија на годишниот собир на светските лидери во седиштето на ОН во Њујорк, каде Украина и нејзините западни сојузници се обидоа да соберат поддршка за Киев.
„Тоа е целосно неостварливо“, рече Лавров за мировниот план од 10 точки што го промовира Киев.
„Не е можно да се спроведе. Не е реално и сите го разбираат тоа, но во исто време велат дека тоа е единствената основа за преговори“, додаде Лавров.
Тој рече дека конфликтот ќе биде решен на бојното поле доколку Киев и неговите западни сојузници се држат до таа позиција.
Лавров додаде дека Москва се откажала од иницијативата за жито во Црното Море бидејќи ветувањата дадени на Русија – вклучително и укинување на санкциите за руската банка и повторно поврзување со глобалниот систем SWIFT – не биле исполнети.
Тој рече дека најновите предлози на ОН за заживување на тој извозен коридор за украинските земјоделски производи се „едноставно нереални“.