Над 84 илјади вработени во администрацијата ќе добијат по 11 илјади денари К-15. Додека, пак, за вработените во приватниот сектор, К-15 годинава ќе биде минимум 16.800 денари, односно 40 отсто од просечната плата исплатена во последните три месеци. Исплатата треба да се изврши до крајот на годината, а поголем дел од работодавците во приватниот сектор веќе го исплатија регресот за годишен одмор, кој законски може да почне да се исплаќа од мај.
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека до крајот на декември сите работници треба да добијат регрес за годишен одмор, под услов да работеле најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец. К-15 им следува и на оние работници што ја смениле работата, ако претходно непрекинато работеле половина година во иста компанија.
– К-15 годинава ќе добијат сите, и работниците во приватниот и во јавниот сектор. Со тоа што износот за работниците во јавниот сектор изнесува 30 отсто од просечната плата исплатена во последните три месеци, односно како што е договорено во Владата, ќе изнесува 11.000 илјади денари. За приватниот сектор, К-15 изнесува 40 отсто од просечната плата исплатена во последните три месеци, односно 16.800 денари. Со тоа што за оние работодавци што сè уште не исплатиле К-15, тој може да се зголеми доколку се зголеми просечната плата последните месеци над 42 илјади денари – објасни за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски од ССМ.
Тој додава дека може минимално да варира овој износ, во зависност од тоа во кој месец се исплаќа. Доколку се зголемува просечната плата, ќе се зголеми и износот на К-15, кој треба да им се исплати на работниците. Така, ако сега минималниот К-15 е 16.800 денари, за месец-два може да се зголеми на 17.000 доколку се зголеми основицата.
– Има колективни договори каде што работниците земаат поголем износ на К-15, кој достигнува и до 100 отсто од основицата, односно од просечната плата. Поголем дел од компаниите во приватниот сектор, кои имаат колективни договори со кои е договорен и износот на регресот за годишен одмор, веќе имаат исплатено К-15 – појаснуваат од ССМ.
Инаку, минатата, работниците во јавниот сектор добија регрес за годишен одмор линеарно по 10.000 денари. Со потпишувањето на Општиот колективен договор меѓу Владата и синдикатите беше договорено К-15 да изнесува 30 отсто од просечната плата и да бидат предвидени пари за тоа во буџетот.
Од Владата велат дека претходната Влада не предвидела средства за исплата на К-15 во основниот буџет.
– Со новиот ребаланс, Владата обезбедува 1 милијарда денари за исплата на К-15 за вработените во администрацијата. Со оваа одлука, над 84 илјади вработени во државната администрација ќе добијат по 11 илјади денари К-15. Исплатата ќе биде најдоцна до декември оваа година. Со тоа ќе се реализира уште една значајна поддршка за вработените. Со овој пакет К-15, ќе бидат опфатени и вработените наставници во училиштата. На овој начин Владата покажува конкретна грижа за секој еден вработен во исполнувањето на неговите права – соопштуваат од Владата.
Регресот за годишен одмор е поврзан со правото на користење годишен одмор на работникот. Доколку е пријавен работникот на половина работно време, односно 20 часа неделно, му следуваат најмалку 10 работни дена годишен одмор и исплата на половина износ од утврдениот регрес. Во случај кога е пријавен работникот на цело работно време, односно 40 часа неделно, му следуваат најмалку 20 работни дена годишен одмор, односно најмногу 26 работни дена и исплата на целиот износ за регрес.
За работодавците што нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.
Од ССМ апелираат до работниците да ги пријават сите неправилности околу исплатата на К-15 во Државниот инспекторат за труд.
(А.С.)