КСС: Да се престане со заканата за отказ на 20 отсто или 30.000 работници во јавниот сектор

42

Во изминатиот период бевме бомбардирани преку медиумите дека е намален обемот на работа во јавниот сектор поради економската и здравствената криза, но и понатаму кај вработените кои се со договор на определено време и преку авторските агенции (од 25.000 до 30.000 работници), во нивните М1/М2 обрасци од Агенцијата за вработување како причина за вработување стои дека ,,СЕ ВРАБОТУВА ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕН ОБЕМ НА РАБОТА”, пишува во писменото соопштение од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија

Основана причина за престанок на работен однос според Законот за работни односи наведено во член 76, став 3 е кога ќе престане потребата од работникот или кога ќе биде намален обемот на работа. Овие постапки од страна на Владата укажуваат дека продолжува непотизмот или вработувањето по партиска или роднинска врска и соодветно се манипулира со целата македонска јавност дека работа нема, а во позадина сепак се прават нови вработувања, според извештаите кои ги добиваме од Агенцијата за Вработување.

Повеќе од јасна е целта, да се избркаат едни, а да се вработат други работници поради лични и партиски интереси што е противзаконски чин и ние, КСС, како национален синдикат дејствуваме и се бориме да бидат заштитени правата на работникот.

Во интерес на државата и сите работници кои изгубиле работно место БАРАМЕ да се постапи согласно Законот за работни односи и да се укинат партиските вработувања и истите тие средства да бидат наменети за обештетување на оние кои реално го изгубиле работното место поради економската и здравствената криза.

Наместо лидерот на СДСМ, Зоран Заев да најавува отпуштање на 20% или 30.000 работници од јавниот сектор, во интерес на државата и сите граѓани на нашата држава, бараме Владата да го спроведе законот за работни односи и да се погрижи за сите социјално загрозени семејства и работници или во спротивно ќе следи социјална криза, велат од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.