Критериумите за ЕУ се јасни – нема промена на Преговарачката рамка!

Критериумите за членство на Македонија во Европската Унија се многу јасни,  мора да се исполнат и не се очекува некаква промена во Преговарачката рамка, го потврди ставот на Брисел еврокомесарот за проширување и соседски прашања Оливер Вархеји, во изјава за бугарската агенција БГНЕС. И бугарскиот претседател Румен Радев, очекува дека ситуацијата по изборите во Македонија ќе овозможи „целосно спроведување на европското решение од јули 2022 година“. Како и дел од медиумите во Бугарија, и Радев ги осуди изјавите во Македонија со кои се предлага можна промена на Преговарачката рамка и францускиот предлог за уставни измени. Брисел и Софија се децидни - Македонија ќе мора да го спроведе прифатениот француски предлог.

95

Затишје пред бура беше тивката реторика на релација Скопје-Софија изминатиот период додека двете земји се справуваа со ситуацијата на домашната политичка сцена и подготовките за избори. Токму изборите го активираа „вулканот“ и се чини дека како се ближат деновите за гласање, така реториката ќе еруптира, согласно оценките за задоволување на апетитите на гласачите. Од официјална Софија, но и од Брисел вчера стигнаа нови пораки дека условите се јасни и дека Македонија ќе мора да го спроведе прифатениот француски предлог, а не се очекува дека е можна промена на Преговарачката рамка, како што најавуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Еврокомесарот за проширување и соседски прашања Оливер Вархеји, кој вчера беше во посета на Софија го потврди ставот на официјален Брисел дека критериумите за членство на Македонија во Европската Унија се многу јасни и дека не очекува некаква промена во Преговарачката рамка. На прашањето на БГНЕС, дали постои некаква можност за промена на условите што земјава треба да ги исполни, имајќи предвид дека голем број македонски политичари тврдат дека може да има промена во Преговарачката рамка за Скопје, Вархеји е дециден дека критериумите мора да се исполнат.

 -Критериумите се многу јасни од 2022 година кога беше усвоена Рамката за преговори. Тие мора да се исполнат и во оваа смисла не очекувам некаква промена. Не мислам дека земјите-членки ќе сакаат да ревидираат некој од условите. Јасно е дека тие мора да се исполнат. Се надевам дека веднаш по изборите новата влада во Северна Македонија ќе ја преземе оваа работа и ќе продолжиме со исполнување на критериумите, вели Вархеји за БГНЕС.

И бугарскиот претседател Румен Радев, очекува дека ситуацијата по изборите во Македонија ќе овозможи „целосно спроведување на европското решение од јули 2022 година“. Како и дел од медиумите во Бугарија, и Радев ги осуди изјавите во Македонија со кои се предлага можна промена на Преговарачката рамка и францускиот предлог за уставни измени.

– Изјавите на водечките политички личности во Република Северна Македонија, дадени за време на кампањата која е провокативен карактер, не помагаат да се зајакне дијалогот меѓу нашите две земји, рекол Радев на средбата со Вархеји во Софија.

Во Македонија отворањето на Уставот и уставните измени се топ тема на кандидатите за претседател, а се очекува тоа да се преслика и во кампањата за парламентарните избори. Албанскиот политички блок најави и дека промената на Уставот ќе биде главен услов за пост изборно коалицирање. Кандидатот за претседател на опозициската коалиција „Вреди“ Арбен Таравари, рече дека „Вреди„ и ДУИ имаат џентлменски договор – да не влегуваат во Влада која не прави уставни промени. Идејата е на идниот мандатат за формирање Влада да му се бара динамика со рокови за спроведување на уставните измени, на пример до шест месеци.

И за ДУИ, уставните измени остануваат клучен услов за постизборни здружувања. Нивниот претседателски кандидат Бујар Османи уште на првиот ден од кампањата порача дека нема да прифати никаква коалиција со партии кои ги оспоруваат постигнатите договори и го повтори ставот дека за земјата нема друга алтернатива освен интеграција во ЕУ.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, во неколку наврати го искажуваат нивниот став дека нема да има уставни измени, во овие услови, под бугарски диктат. Отааму велат дека доаѓа крај на попустливата надворешна политика и доколку дојдат на власт, тие ќе прифатат внесување на Бугарите во македонскиот устав, но со одложена примена – по влезот на Македонија во ЕУ.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, го искажа својот став и во телевизискиот дуел со неговиот противник, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Според него, најавите од албанските политички партии дека промената на Уставот ќе биде услов за влез во владината коалиција по изборите, се само предизборен фолклор, а по изборите ќе се прецизираат условите од сите политички чинители. Мицкоски смета дека и со промена на Уставот земјава нема да влезе во ЕУ, додека, според Ковачевски, со неносењето одлуки државата останува во статус кво.

Уставни измени со одложено дејство е еден од петте приоритети и на претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ за Македонија, Максим Димитриевски, кој најави дека во првите 200 дена ќе предложи уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во преамбулата, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија.

Кандидатот за шеф на државата од Гром Стевчо Јакимовски, во својата програма вели дека “ќе ги исполнува условите за влез во ЕУ“, но со „јасно ставање до знаење дека за идентитетот и јазикот нема со никого да преговара, а за влезот во ЕУ нема да чекаме бесконечно“. Од Левица, пак порачуваат дека партијата останува единствена опозиција во одбрана на националните интереси и нема да прифати никаков компромис за отворање на Уставот, под никакви услови и околности.

Дебатата околу промената на македонскиот Устав е под лупа и на меѓународната заедница, како од страна на ЕУ, така и од САД. Претставниците на меѓународната заедница ги повикуваат сите политички сили во земјава да ги поддржат уставните измени, со уверувања дека ќе нема нови барања за дополнителни отстапки и порачаа дека ако постоечкиот ќор-сокак продолжи, Македонија ризикува да ја испушти наредната шанса и дури на подолг период да биде изолирана и исфрлена од европскиот пат.

Американската амбасадорка во земјава во телевизиско интервју минатата недела излезе со став дека дури и за време на техничката Влада може да се направат промените.

 -Верувам дека имало преседани, не мислам пред декади, но имало преседани каде амандмани се изгласувале за време на техничка Влада. Една од работите кои јас ги научив, служејќи овде е дека сè е возможно, вели Агелер во интервју за ТВ21.

Согласно Преговарачката рамка, македонскиот евроинтегративен пат е блокиран и условен со внес на Бугарите во Преамбулата. На почетокот на декември лани, по 15 месеци, земјава го заврши скрининг процесот со ЕУ, како прва фаза од преговарачкиот процес што започна во јули 2022 година, а неговото завршување беше предуслов за премин во втората фаза – преговорите по поглавја и кластери. Но, согласно Преговарачката рамка, за премин кон преговорите по кластери Македонија мора да исполни уште еден предуслов, а тоа е промена на Уставот. И во заклучоците за процесот на проширување на декемврискиот Самит на ЕУ е посочено дека Унијата е „подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во одлуките на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година“.

Од друга страна, со преседанот што Европската унија го направи кога Шолц го испрати Орбан да се напие кафе надвор салата и овоможи да се донесе одлука Украина и Молдавија да ги започнат пристапните преговори, Брисел потврди дека во Унијата, сепак, одлуки може да се носат и без консензус, наспроти правилото што за Македонија важи три децении – дека е потребна согласност од сите земји-членки за земјава да напредува кон ЕУ. (В.С.Н.)