Она што се најавуваше во претходните неколку месеци, беше потврдено од страна на францускиот ракометен гигант ПСЖ. Летонскиот репрезентативец и член на македонскиот ракометен шампион Вардар, Даинис Кристопанс, од сезоната 2020/21 ќе игра во францускиот гигант под палката на Раул Гонзалез.
Кристопанс (28) е најкорпулентен ракометар и ќе му биде конкуренција на Недим Ремили на десната бековска позиција.
-Новата година започна одлично. Среќен сум што потпишав за ПСЖ и што ќе имам можност одново да соработувам со Раул Гонзалез, кој за мене е еден од најдобрите тренери во светот. Се надевам дека ќе отворам нова страница во мојата кариера во една од најконкурентните лиги во светот. Ова е уникатен проект кој носи возбудување за мене, изјави Кристопанс.
До крајот на следната сезона Летонецот ќе игра за Вардар, каде пристигна во 2017 година од белорускиот Мешков Брест.