Кривичната пријава за нелегално насипување земја и градежен шут во Охридското Езеро во непосредна близина на новиот комплекс згради и дом за стари лица во изградба кон Извидничкото одморалиште кај Далјан што Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ја поднесе на 4 март оваа година, се проширува со кривична пријава за “узурпација на недвижности” во заштитената зона на брегот на Охридското Езеро од познат сторител.
– Пријавата ја доставува СВР – Охрид, по спроведената истрага. Координацијата на Инспекторатот и Министерството за внатрешни работи се продлабочи по состанокот на директорката Ана Петровска и министерот Оливер Спасовски на 7-ми декември 2020 година. Инспектори и полициски патроли во заедничка акција и координација на терен со цел да се зачува светското природно и културно наследство што е впишано на листата на УНЕСКО – велат од ДИЖС.
Според полицискиот записник, три лица и правниот субјект „Нефи ИК“ со седиште во Охрид, заработија кривични пријави поради сомневање дека се сторители на казнено дело „узурпација на недвижности” во заштитената зона на брегот на Охридското Езеро.
– Првопријавениот Н.З.(59) од Охрид, иако знаел дека неговата катарстарска парцела во населбата „Далјан” во близина на Охридското Езеро, се уште не е запишана во Агенцијата за катастар на недвижности на негово име, со намера да ја прошири парцелата ги ангажирал второ Н.И.(51) од Струга и трето Р.Б. (47) од Охрид пријавените, вработени во фирмата „Нефи ИК” и побарал дотур на земја, камен и крупен градежен шут на брегот и во водите на Охридското Езеро – се вели во записникот.
Тие извршиле дотур на земја и камен со што ја прошириле парцелата на 900 квадратни метри навлегувајќи дури и во водите на Охридското Езеро.
– Со цел санирање на крајбрежјето, Инспекторатот поднесе и Информација за влијанието на нелегалното насипување на земја и шут на брегот на езерото во населба Далјан и за итно враќање на крајбрежјето во првобитна состојба. Имајќи го предвид мислењето на Хидробиолошкиот завод од Охрид дека „нелегалното насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем“, очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето – соопштија од ДИЖС.
(С.Бл.)