Кривичен пред Уставен – дали судиите ќе ја замрзнат неказнивоста?

84

Измените во Кривичниот законик, кои денови наназад ја брануваат јавноста, одат пред Уставен. До Уставниот суд иницијатива за преиспитување на уставноста на измените со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување, прв поднесе претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов. Неофицијално, иницијативата на Трајанов нема да биде единствена за ова законско решение.

Во иницијативата се укажува на обврската уставните одредби за владеење на правото и законите да важат подеднакво за сите, како и на потребата од заштита на државниот имот од злоупотреби на носителите на јавни функции.

-Првенствено постапката на донесувањето на овие измени досега не е видена во светската практика. Овие измени се донесени „експресно“ – по итна постапка за два дена со европско знаменце, а притоа без никаква јавна расправа, стои во иницијативата на Трајанов.

Воедно, се очекува Уставниот суд по службена должност да донесе привремена мерка за одложување на примена на измените во Кривичниот законик до донесување конечна одлука за Иницијативата.

Во исто време, јавноста и правната фела и натаму ги коментираат измените во Кривичен,  кои, неодамна беа изгласани со европско знаменце, а со кои се предвидува намалување на казните за злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување и се предвидува декриминализација на кривичното дело поврзано со јавните набавки на штета на државата. И понатаму се дебатира кој ги договарал и кому најмногу му одговараат измените во Кривичен, но и Законот за амнестија.

Лидерот на новоформираното „Демократско движење“ и поранешен функционер на ДУИ, Изет Меџити, во телевизиско гостување рече дека во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се преговарало за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски, на 9 Мај – Денот кога се слави победата над фашизмот и Денот на Европа.

Не е точно дека некој од опозицијата побарал од претседателот на државата Стево Пендаровски да го помилува Никола Груевски. Според Меџити, тоа го направиле владејачките партии.

Меџити нагласи дека тој и албанската опозиција имаат факти за тоа кој бил на средбата со Пендаровски за да преговара за враќање на Груевски, споменувајќи го и денот кога се случила оваа средба.„Не треба многу тоа да го потврди претседателот на државата. Беше на Денот на Европа во неговиот кабинет, така што, не зборуваме напамет“, рече Меџити во Клан Дебата.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија – Бујар Османи, му одговори на Изет Меџит по обвинувањата дека тој наводно се сретнал со Никола Груевски во Будимпешта за да разговараат за измени на Кривичниот законик.

„Еднаш рекоа дека Али Ахмети го сретнал, па рекоа – не, Артан Груби го сретнал, сега јас го имам сретнато! Можеби ќе погодат со четвртиот“, вели во својот одговор Османи.

И поранешниот премиер Зоран Заев негира дека со неговиот тогашен коалициски партнер Али Ахмети на тајни средби договарале измени на Кривичниот законик.

Не точно дека сум имал тајни средби со Али Ахмети и Никола Груевски за Кривичниот законик, изјави за ТВ 24, поранешниот премиер Зоран Заев и потенцираше дека изјавата на Ахмети не е вистина.

Ахмети деновиве во две последователни интервјуа рече дека имало неколку тајни средби изминативе неколку години и начелни договори, и дека последен од нив се повлекол актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Професорот Јове Кекеновски го искоментира телевизиското интервју на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и го потсети колку пати досега е интервенирано во текстот на Кривичниот законик.

„Во оваа прилика сакам да го потсетам Ахмети дека тој и ДУИ се во власта од 2002 година. Значи цели 21-22 години. Во самостојна Република Македонија, Кривичниот законик за првпат е донесен во 1996 година, па потоа се направени измени и дополни во 1999 година. Откако тој и ДУИ се во власта Кривичниот законик е изменет вкупно 27 пати. Овие 27 измени и дополнувања на законот се објавени во „Службен весник на Република Македонија” П.С. Досега сите измени и дополни им ги правеа речиси истите луѓе (демек експерти) кои наликува на шнајдери. Каков „костум“ сакаа политичарите таков им кроеја. И сега од југословенско време бил законот“, пишува Кекеновски.

Засега е неизвесно кога иницијативите за кривичниот закон ќе се најдат на одлучување пред уставните судии, и дали судот ќе поведе постапка и ќе го одложи применувањето на измените. На следната седница на Уставен, која е закажана за задутре, се очекува конечна одлука за Преспанскиот договор-  предмет со пет иницијативи, кој неколку години чекаше на одлучување во Уставен.            (Ј.Ц.Г.)