Кремаста „клавир“ торта со кекси и банани

361

Доколку не сте подготвени да правите торти, а печењето кори не ви оди од рака, оваа торта е создадена за вас.

Се подготвува со кекси (бисквити), а на вас ви останува само да го подготвите филот. Спојувањето на кексите, филот и бананите ќе ве воодушеви, а кога еднаш ќе ја направите оваа торта, секогаш ќе се навраќате на неа.

Потребни состојки: 

  • 400 гр кекси (200 гр обични, 200 гр кекси со какао)
  • 2 пудинга ванила
  • 100 гр мелени ореви
  • половина путер (125 гр)
  • 2 банани
  • 8 лажици шеќер (за пудинзите)
  • 600 мл млеко
  • 50 гр чоколадо за готвење (рендано, за декорација), може и чоколадни мрвици

Подготовка:

Се става половина литар млеко да зоврие, а настрана се мешаат пудинзите со 100 мл млеко и шеќер. Откако ќе зовире млекото се ставаат размешаните пудинзи и се вари додека не се згуснат. Се остава пудингот малку да се олади, а потоа во него се додаваат путерот убаво да се растопи и мелените ореви. Смесата соединете ја убаво и оставете филот да се олади и путерот во него да се стегне. Најдобро е да го ставите во фрижидер.

Бананите насецкајте ги на кругови. Откако ќе се олади филот, почнете со редење на тортата. Кај оваа торта, кексите ги редите исправени, (односно ги лепите една за друга, а не една врз друга) и тоа еден обичен, па го мачкате со фил, па еден кекс со какао и така се додека не ги потрошите сите кекси и филот. Меѓу кексите, врз филот редете и по некој круг од бананите. Можете да ги редите во два реда, еден до друг и на крајот размачкајте од филот одозгоре, за да ја озедначите тортата.

Најгоре нарендајте чоколадо, или чоколадни и шарени мрвици. „Марифетот“ на оваа торта е сечењето, кое задолжително треба да е под агол, односно накосо, за да биде подекоративна, односно да изгледа како „клавир“.

Пријатен вкус и на здравје!