Крај на најбизарното судење во Словенија:Конечна пресуда за случајот „отсечена рака“

150

Во Словенија продолжи судењето за случајот „отсечена рака“, каде Јулија Адлешич, нејзиниот партнер Себастиен Абрамов и неговите родители Тинка Хускиќ Коларич и Горазд Коларич се изјаснија за виновни во едно од најбизарните судења во земјата.

Судот им изрече затворска казна од една година и шест месеци, условна од три години.

Обвинителството ги обвинуваше за продолжено кривично дело измама и помагање во кривичното дело измама на штета на пет осигурителни компании кои, се надеваа, требало да им исплатат 1,17 милиони евра обештетување во случај на несреќа што  самите ја организирале.

Поради лошата финансиска состојба, обвинетите се ослободени од плаќање судски трошоци, јавува 24.ур.

При определувањето на казната, Судот го прифати предлогот на Обвинителството, кое постигна спогодба со обвинетите.

На почетокот на повторното судење сите обвинети инсистираа дека не се виновни, но денеска ја признаа вината што судијката Марјета Дворник ја прифати, велејќи дека ова е важен пресврт во постапката и додаде дека признанијата се доброволни.

Таа додаде дека „сторените злосторства се одраз на вредностите во нашето општество, кое се повеќе се свртува кон материјалните вредности“.

„Очигледно, на прво место, сакате да имате што повеќе пари“, рече Дворник, истакнувајќи дека повеќе не се избираат средства за собирање пари.

Обвинетите не беа присутни на изрекувањето на пресудата.

Ова е еден од најбизарните обиди за измама во осигурувањето во Словенија.

Според податоците на судот, Адлешиќ сама си ја отсекла раката, но претходно се осигурала во дури пет осигурителни компании со надеж дека ќе добие висока отштета.

Во првата постапка таа е осудена на две години затвор, додека нејзиниот партнер кој наводно ја убедувал на тоа доби три години, пренесува 24.ур.