Кој од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја наследи разрешената техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи сè уште е неизвесно. Една од варијантите е ВМРО-ДПМНЕ да одбие да даде предлог со образложение дека со самото разрешување се прекршува претходно договореното за техничката влада.
Пратеничката Благица Ласовска изјави дека „ситуацијата сè уште се анализира“, а на прашање дали и кога ќе предложат ново име таа само рече „ќе бидете навремено известени“.
-Сè уште се анализира ситуацијата за евентуално доставување нов предлог за технички министер за труд и социјална политика, а согласно Централниот и Извршниот комитет, претседателот на партијата го има овластувањето за тоа одлучување, рече Ласовска.
Според Ласовска, која даде изјава за медиумите пред почетокот на собраниската седница на која треба да се гласаат законите за ЈО и измените на Законот за Совет на јавни обвинители, ВМРО-ДПМНЕ се надева дека Собранието денеска ќе се распушти и дека ќе има избори на 12 април како што било договорено кај претседателот на државата, Стево Пендаровски.
-Ако политичарите од владејачкото мнозинство се сериозни, тогаш треба да останат на договорот и Собранието да биде распуштено, истакна Ласовска, одговарајќи на новинарски прашања.
Претходно, Ласовска се осврна на разрешувањето на Рашела Мизрахи и уште еднаш побара од премиерот Оливер Спасовски, ако причината за ваквата одлука навистина била таблата со името Република Македонија, тогаш да бидат разрешени и сите останати директори и надлежни лица од институциите чие име сè уште не е сменето и на чии табли сè уште стои Република Македонија.
-Лицемерието на хибридниот режим на Зоран Заев целосно се разобличи со разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Таа не го прекрши ниту законот, ниту Уставот. Напротив, ја разрешија зашто го откри и не молчеше за криминалот кој бил правен претходно во министерството, неодговорното работење и неспособноста на кадрите на СДСМ, нагласи Ласовска и покажа документи од институциите чие име сè уште не е сменето.
-Оливер Спасовски го користи терминот Македонија. Дури и Никола Димитров, кој хистерично бараше разрешување на Мизрахи, го користи терминот Македонија. Спасовски требаше да побара разрешување на Димитров и самиот себе, рече Ласовска.
Во саботата рано, на собраниската седница која траеше речиси до 4 часот изутрина Мизрахи беше разрешена со 62 гласа “за” и 26 “против”.
Таа беше дел од техничката влада предложена ВМРО-ДПМНЕ, а на чело на министерството беше околу месец и половина.
Премиерот Спасовски побара нејзина смена бидејќи таа не го почитува Уставот, оти не ја сменила таблата со натпис РМ во министерството и побара од опозицијата да дадат нов предлог за свој кандидат.
“Никогаш не сум прекршила ни Устав, ни закон. Баба ми Ризова Трајанка била член на партизанската бригада ‘Добри Даскаловски’ која крварела за слободата на Република Македонија. Јас сум Рашела Мизрахи, горда Еврејка од Македонија!” истакна Мизрахи од собраниската говорница по што следуваше петчасовна дебата.
Поништување на решенијата за кадровски промени во Труд и социјала и МВР
Во саботата Владата донесе одлука за поништување на решенијата за кадровски промени и овластувања на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи донесени на 14 февруари, на денот кога во Собранието на Република Северна Македонија беше покрената постапка за нејзино разрешување.
-Владата донесе одлука и за поништување на решенијата за распоредување на работно место, донесени од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, со кои Петар Ѓорѓиевски се распределува на работно место началник на Одделение за дизајнирање на наставни програми, Центар за обука, Организациони единици за потребите на Министерството при Министерството за внатрешни работи, за распоредување на Џелал Топалоски на работно место полициски советник за СВР, во Единицата за стратешко планирање стандарди и контрола на квалитет – БЈБ, за распоредување на Зоран Дуровски на работно место началник на Одделение за полиција, СВР Битола – БЈБ, за распоредување на Горан Митев на работно место началник на Одделение за криптозаштита, Сектор за безбедност на информации, Оддел за односи со јавноста и стратешки прашања, Организациони единици за потребите на Министерството при Министерството за внатрешни работи, како и решението со кое Владимир Велковски се распоредува на работно место самостоен советник за меѓународна соработка во Кабинетот на министерот при Министерството за внатрешни работи, информираа од Владата.