Кој ќе „диригира“ во новата коалиција?

Извори од СДСМ за медиумите брифираат дека преговори деновиве нема, и оти разговорите за нова Влада ќе почнат откако партискиот лидер Зоран Заев ќе се врати од одмор, и откако ќе заврши конститутивната седница на парламентот. Познавачите на политичките прилики коментираат дека сепак СДСМ на крај ќе го има последниот збор, и оти интегративците ќе мора да ги „омекнат“ цврстите ставови за нивниот концепт

409

Со официјални соопштенија дека во моментов не се преговара за формирање Влада, без детали какви отстапки ќе се прават, во јавноста се уште се вртат опциите за ротирачки премиер, разни шпекулации за новите партнерства и потенцијални коалиции и можности за формирање широка Влада.

Новиот состав на „Илинденска„ официјално ќе почне да се договара од вторник, а дотогаш партиите вешто ги кријат нивните „асови„ и понудите што ќе ги извадат на маса.

Весникот на албански јазик „Коха“, пред два дена објави дека е постигнат договор за формирање влада меѓу ДУИ, коалицијата СДСМ-Беса и ДПА, при што три години премиерот ќе биде од СДСМ, а една година од ДУИ. Непосредно по објавувањето на ваквата комбинација, веста ја демантираа и од СДСМ и од ДУИ. Извори од СДСМ за медиумите брифираат дека преговори деновиве нема, и оти разговорите за нова Влада ќе почнат откако партискиот лидер Зоран Заев ќе се врати од одмор, и откако ќе заврши конститутивната седница на парламентот.

Познавачите на политичките прилики коментираат дека сепак СДСМ на крај ќе го има последниот збор, и оти интегративците ќе мора да ги “омекнат“ цврстите ставови за нивниот концепт.

-Без гласовите на Албанците, кои, на најперфиден начин ги измамија дека гласаат за прв премиер Албанец, како и на оние кои од времето на Груевски примаат плата без да одат на работа, ДУИ, не 15, ќе немаше ниту 5 пратеници, коментира аналитичарот и поранешен министер Џевдет Хајредини во врска со концептот на ДУИ.

Гладна кокошка просо сонува“ напиша на „Фејсбук“, потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, откако албанскиот весник објави дека постигнат е договор на премиерското место да ротираат и СДСМ и ДУИ.

Засега е неизвесно како партиите ќе ги приближат ставовите по ова прашање со оглед на фактот дека кампањата на ДУИ ја одбележа идеја за прв Албанец премиер, што пак е неприфатлив услов за СДСМ. Претседателот на СДСМ Зоран Заев, непосредно пред изборите изјави оти е можна коалиција со ДУИ, но без условот за премиер Албанец.

Ако ДУИ го тргне ваквиот услов, ние немаме проблем да разговараме. Алијанса и Алтернатива и тоа како се дел од нашата комуникација. Заедно ги гласавме дел од реформите,уставните промени, Законот за ЈО и верувам дека имаме најмалку минимум соработка за да може да градиме заедничка платформа, владина програма за во иднина за да успееме како коалиција, а секако и постојат и опции помеѓу другите пратеници кои ќе бидат избрани во Собранието. Не се грижам, немам некоја мачнина, како тоа ќе се направи влада и парламентарно мнозинство. Тоа ќе го направиме. Сигурно важно е владината програма да биде комплетно идентична со нашата програма, секако и од партнерите да прифатиме тоа што е прифатливо и тие нашето за да можеме да ја изградиме владината коалиција, изјави Заев во интервју за МИА.

Најдоцна до 14 август, стои во Уставот, претседателот Стево Пендаровски би требало да го определи мандатарот за идната влада, кој согласно роковите, до почетокот на септември, би требало да ја состави новата влада и да ја поднесе четиригодишната програма за работа.