Кој подмолно ги скара хрватските естрадни ѕвезди: Која е Мери Цетиниќ, а која Јасна Злокиќ?

174

Овие свињарии постојано се повторуваат. Во весник ќе стават слика од Јасна Злокиќ, а под сликата ќе го напишат моето име, објаснува лутата пејачка Мери, која и во Македонија ја памтиме и знаеме по големите хитови „Само симпатија“, „Ластавица“, „У пролазу“, „О, море, море“, но и по македонскиот макфестовски хит „Лажи ме, љуби ме“….

Има една година откако трае навидум тивката медиумска војна помеѓу хрватските естрадни ѕвезди Мери Цетиниќ и Јасна Злокиќ и тоа не по нивна вина, туку и двете се вовлечени во таа кавга сосема случајно, подмолно, за да потоа сето тоа прерасне во бурна нетрпеливост меѓу нивните обожаватели.

-Овие манипулации и свињарии постојано се повторуваат. Во весник ќе стават слика од Јасна Злокиќ, а под сликата ќе го напишат моето име, луто објаснува Мери. По повод мојот јубилеен концерт една новинарка побара интервју од мене, но под услов да се сликам со мојата внука. Јас немам внука, сè уште не сум баба, Јасна си има внука. И, тоа е случајно? Ви се молам…. или на омотот на една плоча стои сликата на Јасна Злокиќ и ако на самата плоча меѓу песните нема ни една нејзина песна туку онаа мојата хитовска „Само симпатија“. Целата оваа ујдурма се води само да ми се наштети мене. Јас така мислам, констатира Мери, која во времето на Југославија беше една од најпопуларните пејачки, заедно со Јасна Злокиќ, која е родум исто така од јадранскиот остров Корчула како и Мери. А, што вели Јасна?

Јасна Злокиќ попозната како “Скитница“, според нејзиниот голем хит

– Јас немам што да објаснувам, не можам тука ништо да сменам, констатира разочарано Јасна Злокиќ, која на публиката ѝ е позната по хитот „Јер ја сам скитница“. Навистина жал ми е што ова често се случува и во секој случај треба да престане. Мери ја почитувам и покрај сето ова како драга колешка, често бевме конкурентки на „Сплитските фестивали“ со убави, познати песни и не е можно некој да не знае која сум јас, а која е Мери Цетиниќ, нели?
Па, сепак иако се добри колешки, некој и понатаму се инати и со двете. Или ова го прави онака од забава? Само пред десетина дена во еден хрватски крстозбор се појави сликата на Јасна, а на читателите им е оставен простор во кој требаше да го напишат презимето на Мери. Навистина, случајно или не? Да се чудиш!
Д.М.