Во фејсбук-преписките помеѓу поранешниот и актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Христијан Мицкоски, вчера се вклучи владејачката СДСМ. Дали навистина имало тајни средби, кој договорил уставни измени, кој договорил измени во Кривичниот законик – поранешни и сегашни политичари јавно се препукуваат кој кого сака да спаси, а кој да биде пуштен низ вода.
Претседателот на најголема опозициска партија, Христијан Мицкоски, и вчера демантираше дека имал тајни средби околу измените на Кривичниот законик.
За „војната“ и препукувањата со поранешниот премиер и негов претходник Никола Груевски, Мицкоски рече дека „сака Македонија да оди напред, а не да биде заглавена во тајните средби меѓу Ахмети, Груевски и Ковачевски“.
– Гориме од желба за парламентарни избори за да покажеме колкаво е единството во ВМРО-ДПМНЕ. Ако доскоро бев во дилема дали сме блиску до 61 пратеник, сега сум убеден дека тоа е возможна цел – рече Мицкоски.
Мицкоски тврди дека неговата партија ја води раководството на партијата, заедно со членовите и активистите. Според него, „лажната кампања на СДСМ дека партијата е раководена од Будимпешта се распрсна како меур од сапуница и нивната петарда пукна во нивна рака“.
Тој очекува од СДСМ да измислат уште нешто и дека вистинските патриоти во СДСМ треба да дојдат на вистинските места, што, како што вели, може да се случи штом се врати партијата во опозиција.
Опозицискиот лидер и вчера го повтори ставот дека ниту еден од актуелните пратеници нема да гласа за уставни измени под овие услови, а откако тој ќе дојде на власт, ќе седнат и ќе видат што може да направат и да преговараат.
Откако Христијан Мицкоски даде изјава, Груевски вчера попладнето повторно се јави на Фејсбук, овој пат анализирајќи зошто Мицкоски го напаѓа него.
– Деновиве, Христијан Мицкоски и раководството на партијата сурово, жестоко и неочекувано за мене, ме нападнаа и обвинија, а од денес е јасно дека водат однапред подготвена кампања против мене, дека наводно сум подготвувал соработка со власта на штета на партијата и на нацијата. Со оглед дека нивните напади не се вистина, поради што не може да ги поткрепат ниту со најмал доказ, зборуваат дека некои други луѓе нешто зборувале и планирале, се договарале, се фалеле или слично, но никаде ме нема мене. Па така останува дека тие, пред сè водени од Мицкоски кој се обидува да ги инволвира сите други, свесно, со намера, подолго подготвувано, со план, стратегија, маркетинг-кампања и со однапред програмирани чекори започнаа не само напад туку и валкана кампања против мене, токму со цел да ме направат нивни противник и да ни направат штета. Многу долго време сум бил на таа позиција на која е Мицкоски сега за да не сфатам кои му се намерите и мотивите.
Груевски со вчерашната објава испрати порака до членството и до раководството на партијата.
– На членовите на партијата, активистите и на сите во раководството им порачувам да не наседнуваат на вакви погубни стратегии, да размислуваат со своја глава, да бараат цврсти докази кога ги тераат некого да осудат на невидено за да не се еден ден во ситуација да се извинуваат и да се правдаат дека биле прелажани, дека слепо некому верувале, дека сега им е криво, дека не ги знаеле добро работите или слично. Ова, очигледно, е голема игра во која сакаат да ве повлечат сите. Да не речете потоа: „Па, што не ни кажа? Па од каде да знаеме ние сѐ?“ Тргнете се од ботовите и од платените пропагатори. Имате многу начини да ја изразите лојалноста кон партијата без да станете дел од нечесни игри. Толку од постот – напиша Груевски.
Поддршка за Христијан Мицкоски даде и поранешниот премиер во техничката Влада, Емил Димитриев.
– Нема да кажам нешто ново дека на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ силата им е во единството. Но, во овие моменти, чувствувам обврска уште еднаш да го апострофирам зборот „единство“, кој доминирал на моите многубројни средби и контакти со членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ насекаде низ татковината. На земјата и партијата им е потребен секој квалитетен и чесен човек што сака да помогне во нејзината обнова. Во насока на јакнење на капацитетот на партијата да се справува со идните предизвици, ВМРО- ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицковски ја имаат мојата лична поддршка – напиша на Фејсбук поранешниот технички премиер Емил Димитриев.
На ваквиот неверојатен развој на настаните на политичката сцена не останаа рамнодушни ни од СДСМ. За нив, Христијан Мицкоски е само бледа копија на Никола Груевски.
– Очигледно, големи се внатрепартиските проблеми во белата палата и анти ЕУ- кампусот. Јавноста е сведок дека повторно внатрешниот раздор, кавгите и поделбите во ДПМНЕ, кои кулминираат овие денови, Мицкоски се обидува да му ги натовари на СДСМ – изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
– Обидите за создавање конфузија во јавноста и очајната потреба да го вмеша и СДСМ во внатрешните поделби и кавги во ДПМНЕ, нема да му помогнат на Мицкоски. Очајниот Мицкоски воопшто да не го меша СДСМ во меѓусебната пресметка и сам да си ги решава кавгите. Впрочем, јавноста сè уште чека одговори од Мицкоски за диловите со Груевски. Дали со тоа ги прикрива барањата за амнестија на негови сопартијци, поради незадоволство токму од него внатре во неговата партија? Мицкоски е бледа копија на Груевски. Политиката на блокада на Мицкоски е, исто така, само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ што не се задоволни од него – коментира Кузеска.
Откако Мицкоски во интервју за германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ обвини дека неговиот претходник Никола Груевски тајно комуницира со Владата за да се протуркаат уставни измени, поранешниот и сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ отворија препукувачка преписка на Фејсбук, преку статуси. Бранувањата во опозициските редови започнаа откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, деновиве рече дека Груевски и Заев, пред неколку месеци, заедно договарале намалување на казните преку актуелните измени во Кривичниот закон. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за вчера попладне закажа седница на Централниот комитет на партијата за да ја објасни јавната кавга со Никола Груевски.