В четврток, на 4 април, започнува изборната кампања за седмите претседателски избори во Македонија, на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седуммина кандидати. Парламентарните избори се закажани на 8 мај, а до утре учесниците на изборите треба да ги достават до ДИК листите со кандидати за пратеници.

На чекор до стартот, веќе се исцрта политичката сцена – кој со кого ќе колаицира и кој и во чиј политички дрес ќе истрча на терен. Дефинирани се пет коалициски групирања: Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ и коалицијата „Вреди“ на албанската опозиција.

Самостојно на изборите, засега, одат ЗНАМ – За наша Македонија и партијата Левица.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се обедини со 24 политички субјекти и организации, кои потпишаа повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идната работа на коалицијата наречена „Твоја Македонија“. Дел од оваа коалиција се партијата Достоинство на Стојанче Ангелов, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, Македонски концепт на Петар Богојески, Глас за Македонија на Солза Грчева, ТМРО на Ванчо Шехтански… Како партнери остануваат и Социјалистичката партија на Македонија, Демократската партија на Србите во Македонија, Движењето за национално единство на Турците, Демократската партија на Ромите, Демократските сили на Ромите, како и Партијата на Власите.

По потпишувањето на повелбата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека ова е  финалната предизборна коалиција со која ќе настапат на претстојните избори и е коалиција која се обврзува дека при реализацијата на програмата за претседателските и за парламентарните избори, целосно и недвосмислено ќе се води од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во седиштето на партијата, минатата недела, потпиша коалициски договор со лидерите на партиите што влегоа во Коалицијата за европска иднина. Коалицискиот договор го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократскиот сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојузот на Ромите во Македонија, Десница, Партијата за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и движењето Нова република, како и Српската странка во Македонија на Мирослав Јовановиќ.

– Победничката проевропската коалиција ќе ја формира новата проевропска влада по завршувањето на претстојните избори, ќе биде предводник во реформските процеси и ќе се залага за завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година, наспроти нови 11 години изолација и заглавување што ги нуди опозицијата – наведуваат од СДСМ.

Коалицијата за европска иднина ќе го обезбеди остварувањето на стратешката цел, членството на Северна Македонија во ЕУ.

„Европскиот фронт“ предводен од ДУИ потпиша коалициски договор со Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потенцира дека обединувањето околу овој фронт не е привремено, туку е долгорочно, за, како што рече, да ги реализираат и нештата што останале недовршени.

– Има многу нешта за да ги истакнеме – правичната застапеност, остварувањето во пракса на албанскиот, турскиот и ромскиот јазик. Секако дека има уште многу работи да се прават, но главната цел на овој фронт е да ја зачлениме нашата земја за кратко време во Европската Унија. Ние ќе се бориме во овој фронт со цел оваа држава да биде „мајка“ за сите – рече Ахмети.

Досега, кон „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се приклучија ДПА, Европската демократска партија, Народното движење, Унијата на Ромите, Демократската партија на Турците, а во саботата вечерта, во Гостивар,  беше потпишан договор и со крилото на Алијанса за Албанците на Зијадин Села, кој ќе биде носител на листата на ДУИ во петтата изборна единица.

Коалициски договор за заеднички настап на претстојните избори потишаа и ГРОМ – Граѓанска опција за Македонија, ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија и ПЦЕР – Партија за целосна еманципација на Ромите. Договорот беше потпишан од тројцата партиски лидери, Стевчо Јакимовски на ГРОМ, Љупчо Ристовски на ИНТЕГРА и Самка Ибраимовски на ПЦЕР.

Албанската опозиција ќе настапи на изборите како коалиција „Вреди“. Алијанса за Албанците на Арбен Таравари и партиите од коалицијата „Европски сојуз за промени“ (ЕСП), Демократското движење, Движењето БЕСА и Алтернатива на 17 февруари годинава потпишаа декларација за обединување.

 Викенд за промоција на кандидатските листи за пратеници

Најголемите македонски партии викендов ги промовираа кандидатските листи за пратеници за претстојните парламентарни избори. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во саботата, ги промовираше кандидатите за пратеници и носителите на листи во шесте избирачки единици на коалицијата „Твоја Македонија“, откако во четвртокот највисоките партиски тела ги потврдија 120-те кандидати за претстојните избори.

–  Наместо лист хартија, ВМРО-ДПМНЕ нуди конкретни 1 198 проекти за народот. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на претстојните избори и затоа што Демократската унија за интеграции мора да замине во опозиција, по 20 години на власт, не неправија ништо за албанските граѓани, кои живеат исто толку лошо колку и Македонците, Турците, Ромите и сите етнички заедници во Македонија – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во ИЕ 1, Христијан Мицкоски, на промоцијата на 120-те пратеници за претстојните избори.

Под слоганот „Македонија повторно твоја, промените во твои раце“, ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните да излезат на изборите и да ја дадат поддршка за победничката партија.

Во изборната единица 1, носител на листа е лидерот Христијан Мицкоски, во ИЕ 2 – Владо Мисајловски, во ИЕ 3 – Драган Ковачки,  Александар Николовски е  носител на листа на ИЕ 4. Носителот на листата на ИЕ 5 е Ѓорѓија Сајковски и во ИЕ 6 е пратеничката Дафина Стојаноска.

СДСМ, пак, денеска ги промовираше листите за пратеници на Коалицијата за европска иднина и носителите на листи во шесте изборни единици. На промоцијата на СДСМ се обратија носителите и коносителите од сите шест изборни единици. Носител на листа во ИЕ 1 е лидерот Димитар Ковачевски, коносител Моника Зајкова од ЛДП, во ИЕ 2 носител е Оливер Спасовски и коносител Фатмир Битиќи. Носител на листата на ИЕ 3 е Сања Лукаревска, со коносителот Лупчо Николовски. Изборната единица 4 ќе ја предводат Венко Филипче и Јована Тренчевска.

Во „петката“, на чело на листата е Јован Митревски со Бисера Костандиновска-Стојчевска, а во изборната единица 6 СДСМ ќе се соочи со албанските и со македонските партии со тандемот Славјанка Петровска – Агрон Демири.

– Ние покажавме дека е можно да се има добар резултат, да се работи напорно за подобро утре. Дека е можно да има поголеми плати, пензии, повеќе пари кај граѓаните, дека е можно да има слобода и демократија, да има слобода на говор, дека е можно да живееме во земја што има сигурна, извесна и подобра, европска иднина – рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната промоција на новата „Програма за европска иднина“ и кандидатите за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.

Промоција на носителите на листи и кандидатите за пратеници , денеска одржа и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на Максим Димитриевски.

В.М.Б.