Кој зад грб на Заев преговара со Мицкоски?

4188

За да направи простор за кандидатите на БЕСА, лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе исфрли од игра дел од досегашните коалициски партнери. На претходните парламентарни избори, победничката коалиција, предводена од СДСМ, броеше 22 партии. Револтирани од новоформираната коалиција со Билал Касами, дел од помалите партии кои беа во коалиција со Заев на претходните избори, уште пред избори ќе излезат од коалицијата на СДСМ. Дел од нив се незадоволни што се нашле на, како што велат, недобитни позиции на кандидатските листи, а дел од нив не се согласуваат со идејата за македонско-албанска коалиција пред избори.

Дел од партиите, брифираат за Вечер од помалите партиите, веќе разгледуваат можност за влез во коалицијата „За подобра Македонија„, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Дека постои можност за раситнување на коалицијата на СДСМ, потврди и Зоран Заев. Од партиската говорница рече дека сè уште нема потврдено со сите партнери дека имаме коалиција пред избори.

-СДСМ работи на оценка и анализи, а во моментов работи и комисија од меѓународни и домашни експерти дополнета со претставници на политичкото раководство на СДСМ за квалитетна селекција на кандидатите кои треба да бидат репрезенти на локалните заедници. Ние сè уште немаме потврдено со сите партнери дека имаме коалиција. Идниот понеделник треба да ги утврдиме кои се коалициски партнери и кои се местата кои ќе ги добијат и кои се кандидатите на СДСМ што бидат на листите, рече Заев.

Тој додаде дека, најверојатно, во текот на следниот викенд ќе биде утврдено како ќе биде распореден соодносот на силите помеѓу кандидатите за пратеници на коалиционите партнери СДСМ и БЕСА.

Според него, кандидатите треба да се достоинствени репрезенти на народот и нагласи дека не е важно дали доаѓаат од СДСМ, Беса, НСДП, ДОМ ПЦЕР, или од партиите на Бошњаците, Власите Турците…

Во исто време, дека преговара со сите политички лидери, потврди и Христијан Мицкоски.

 -Не би сакал да зборувам со кого конкретно сме во преговори и разговори. Кога ќе има промена на дневна основа, ќе ја известиме јавноста. Преговараме со многу политички партии. Но, за нас е најважно тоа што на 12 април, несомнено и недвојбено, ќе се случи најголемата историска победничка коалиција од осамостојувањето на Македонија, а тоа е победата на коалицијата „Обнова на Македонија“. Постизборно, потоа, можеме да преговараме и разговараме со сите политички партии, изјави неодамна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Како што најавија од ВМРО-ДПМНЕ во следниве два дена ќе ги објават имињата на носителите на кандидатските листи во шесте изборни единици за претстојните предвремени парламентарни избори, додека останатите имиња од листите ќе бидат познати до 10 март.  (Ј.Ц.Г.)