Кој го чува шефот на државата?

57

По укинувањето на наредбите од страна на техничкиот министер Наќе Чулев, утрово во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски на работа се вратило обезбедувањето на претходниот претседател Ѓорге Иванов, кое откако Пендаровски стана претседател, беше прераспределено во други одделенија на МВР. Тие, пренесува А1.он, наводно се појавиле на работа со објаснување дека наредбите за нивна прераспределба се укинати и дека Чулев наредил да се вратат на работните места од кои биле претходно распределени согласно решенијата за работа.

Техничкиот министер во петокот ги поништи сите распоредувања кои беа направени од страна на сега техничкиот премиер Оливер Спасовски, па сега голем дел од вработените не знаат каде да продолжат со своите работни места, дали онаму каде биле прераспределени или онаму каде што се поставени со актот на Спасовски.

Информацијата попладнево ја демантираа од Кабинетот на шефот на државата.

-Не постојат измени во ресурсите и бројноста на професионални лица од Министерството за внатрешни работи кои се ангажирани за обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, односно го обезбедува истиот тим на лица од почетокот на мандатот, велат извори од Кабинетот на Пендаровски.

– Во однос на број на луѓе кои го обезбедувале претседателот Иванов, а се опфатени со актите со кои се упатени на претходни работни позиции, ве информираме дека станува збор за неколку лица кои во моментов не се ангажирани за обезбедување на претседателот, информираа истите извори.

Некои медиуми претходно објавија дека по одлуката на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за укинување на наредбите на неговиот претходник и сегашен технички премиер Оливер Спасовски, во понеделникот во претседателската вила Водно, освен неговото редовно обезбедување, претседателот Стево Пендаровски го обезбедуваат и телохранителите на поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов, кои претходно беа распоредени во други организациони единици во Министерството за внатрешни работи.

Чулев минатата недела потпиша телеграма доставена до сите организациски единици во МВР, со која ги известува раководителите на организациските единици дека наредбите донесени согласно член 154 од Законот за внатрешни работи, со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи во други организациони единици, престануваат да важат, со што тие треба да се вратат на старите работни места.