Над 600 илјади прислушувани разговори сè уште се чуваат заклучени во сефот во зградата на згаснатото СЈО. Тоа се истите разговори што поранешниот премиер Зоран Заев ги нарече „бомби” и ги предаде во Специјалното обвинителство, а врз чија основа се водеа суски постапки и се бараше одговорност за скандалот со прислушувањето, но и за други злоупотреби на службена должност од поранешни  функционери. Поради последните измени во Кривичниот законик, Судот донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот „Таргет – Тврдина“, во кој главен осомничен беше поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, токму во делот на незаконското прислушување. Но, овие над 600 илјади прислушувани разговори, кои уште се во сефот во зградата на згаснатото СЈО и треба да се уништат кога ќе завршат случаите во кои се користат како материјални докази, и натаму може да бидат предмет на злоупотреби и да се искористат за политички условувања и трговија. Во јавноста и натаму постои загриженост од нови „бомби“ и објавувања на неовластени аудиоснимки, како што беше пред неколку години.

Иако тогашното СЈО никогаш не кажа дали тие се дел од прислушуваните разговори, стотици фајлови со нелегално прибавени телефонски разговори на високи партиски функционери осамнуваа по социјалните мрежи и по неколку месеци од кога беа објавени првите разговори.

Експертите со кои разговараше весникот ВЕЧЕР велат дека сè додека не бидат уништени сите прислушувани разговори што во СЈО ги предаде тогашниот премиер Заев никој, не може да биде сигурен дека тие нема повторно да бидат злоупотребени како нови „бомби“ и да бидат предмет на уцена, омаловажување или справување со свои политички и други противници. Никогаш, велат наши соговорници, не може да се биде сигурен дека тие разговори ќе бидат уништени. Сите се сеќаваат дека едно време излегоа аудиоразговори на политичкиот пазар и дека се тргуваше со нив. Ама не се кажува во јавноста кој сè има пристап до овие разговори и дали тие и натаму се користат. Затоа не може никој да знае дека се навистина на безбедно и кој ги контролира тие лица што имаат пристап до нив.

Во јавноста се зборуваше дека СЈО ги преслушало разговорите и формирало предмети, но нашиот соговорник вели дека најголемиот дел од предметите на СЈО  паднале во вода. Според него, прислушуваните разговори би требало да се уништат, но додава дека не се само овие разговори во прашање.

– Често пати во законот се вели дека  посебните истражни мерки имаат период на траење и може да се уништат. Треба да биде присутен обвинителот и да се направи записник за тоа. Такво нешто досега не сме виделе, ниту сме слушнале. Може да се замисли колку посебни истражни мерки, прислушувани разговори и снимки има во Обвинителството за организиран криминал над кои никој нема контрола и увид – вели нашиот соговорник.

Но, добро упатените извори за состојбите во зградата на некогашното СЈО уверуваат дека нема шанси некој да влезе во зградата на поранешното Специјално обвинителство, во просторот каде што се наоѓа сефот со прислушуваните разговори. Во зградата има полициско обезбедување, а треба да се поминат неколку врати за да се влезе и за да се дојде до сефот кој ги има сите потребни безбедносни клучеви, велат нашите соговорници.

Во овој објект, сега работат јавните обвинители Љубомир Лапе и Ленче Ристовска, кои треба да ги дозавршат  случаите од згаснатото СЈО, додека  дел од другите претставници на тимот на СЈО, во меѓувреме, беа префрлени во Секторот за организиран криминал, а други се вратени таму каде што работеле претходно.

Инаку, и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која сега е во затвор поради финансиски злоупотреби  додека беше на функцијата, во јавноста изјавуваше дека прислушуваните разговори се безбедни и се во два сефа, кои се потполно безбедни, дури и од пожар.

– Материјалите со прислушуваните разговори се чуваат во два сефа, кои можат да издржат дури и цел час вриење во лава – изјави Јанева на времето  .Од сефовите, кои можат да се отворат со два клуча, тогаш се наведуваше дека еден од клучевите е кај Јанева, а другиот кај вработен во СЈО. Јанева тогаш кажа дека не знае дали аудиоматеријалите што излегоа во јавноста се дел од прислушуваните разговори, но посочи дека процедурата за преслушување на овие материјали, кои и ним им беа предадени, се строги.

(М.С.)