Политичарите во Македонија сеуште ја толкуваат изјавата на францускиот претседател, Емануел Макрон, кој зборуваше за т.н. „Европа во две брзини“, што многумина го протолкуваа како поделба на привилегирани и помалку привилегирани членки на Унијата. Додека претставниците на власта убедуваат дека членството на земјава во ЕУ е достижно до 2030 година, па и порано, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека пораките од Брисел се дека требаат реформи, а не уставни измени, кои и така нема да се случат, зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува. Претседателот Стево Пендаровски вчера рече дека изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за реформирањето и проширувањето на ЕУ не е ништо ново и дека тој тоа го кажал уште пред пет години. Според Пендаровски, Макрон никаде не вели дека Западен Балкан не треба да влезе во ЕУ додека тие прават внатрешно преуредување
-Нема таква изјава од Макрон. Франција беше спонзор на преговарачката рамка, која ја усвоивме лани, а дека е тоа така потврдуваат и зборовите на госпоѓата Бун која е министер за Европа во администрацијата на Макрон. Таа сигурно знае што нејзиниот шеф мисли. За тоа се потврда и зборовите на Шарл Мишел претседател на Европскиот совет кој е најблизок политички пријател на Макрон. Секоја голема идеја во Европа која Макрон ја промовира Шарл Мишел истиот момент ја прифаќа. Нешто подолго ги следиме процесите за евроинтеграциите и знаеме дека тоа не е ништо ново. Макрон на почетокот на својот говор специфично во тој дел за внатрешно преуредување на ЕУ вели дека тоа што ви го кажувам сега ви го кажав и пред пет години. Тоа е неговата стара идеја за продлабочување пред проширување, или продлабочување заедно со проширување и тоа од пред пет години, изјави Пендаровски.
Шефот на државата смета дека без внатрешни опструкции Македонија може да стане членка на ЕУ и пред рокот од 2030 година и дека потврда за тоа се зборовите на француската министерка Бун.
-Јасно е или си за Европа или си против Европа. Имаме седум народи и делови од народи во Уставот, проблем ли е да се стават уште шест!? Како тоа ќе ја загрози Македонија? Ако имаше политички причини чекајќи ги следните избори да дојдеш на власт па после да мислиш на Европа и двотретинско мнозинство тоа не е стратешко размислување, тоа е партиско размислување и е против интересите на Македонија. Ако барате изговор поради домашни политички причини зошто не гласате за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ и велите ние сме спремни да гласаме за ЕУ само Макрон не не сака тоа е друго. Да бидеме прецизни, да бидеме реални, да бидеме фер кон нашите евроспки пријатели, изјави Пендаровски.
Вархеји: ЕК со конкретни предлози за проширување во октомври
Во меѓувреме, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Оливер Вархеји најави конкретни предлози од ЕК за проширувањето во октомври. Вархеји од Толедо, Шпанија, каде се одржа неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ изјави дека ја поздравува подготвеноста на Европскиот совет „конечно да се ангажира и да направи голем чекор напред“ за да се оствари проширувањето на Европска Унија.
– Европската комисија отсекогаш била подготвена да даде каков било предлог што ќе не доведе до проширување на ЕУ во 2030 година. Во октомври планираме да претставиме суштински предлози, вклучувајќи го и Планот за раст, кој нашата претседателка (Урсула фон дер Лајен) веќе го претстави во Братислава. Ова не само што ќе ја забрза институционалната, туку и вистинската интеграција. Вистинската интеграција на луѓето и економијата во ЕУ, порача еврокомесарот за проширување.
Коментирајќи ја изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дека ЕУ треба да биде подготвена за проширување до 2030 година, Вархеји рече дека „не мисли дека станува збор за датумот“, туку дека „тоа е повеќе прашање на волја и прашање на испорака“, односно спроведување на потребните реформи. Според Вархеји, најблиску до влез во ЕУ се земјите „кои први испорачуваат“ и ги охрабри сите да ја забрзаат работата.
И вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ во телевизиско гостување и порача на опозицијата да не остане партија на изолација и да не бара изговори за чекање. Маричиќ исто така ја промовира 2030 како година во која Македонија треба да стане дел од ЕУ.
-Не треба опозицијата да бара изговори за чекање дека може да добиеме подобар предлог или дека Бугарија ќе исполни нешто што не исполнила 20 години. Не треба ние да се врзуваме со чекори кои зависат од други. Нам не ни треба тоа. Нам ни треба да одиме напред што побрзо, сакаме во 2030 година да стоиме заедно со другите држави членки кои ќе влезат во ЕУ, рече Маричиќ.
Милошоски: ЕУ и пред пет години имаше лажни ветувања
Од друга страна, претседателот на собраниската комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски преку социјалните мрежи предупреди дека и пред пет години ЕУ давала лажни ветувања за членство на Македонија и другите земји од Западен Балкан во Унијата.
-Бирократите од Брисел пред само 5 години пишуваа стратегија во која Србија и Црна Гора требаше во 2023 да ги завршат преговорите и во 2025 да бидат полноправни членки на ЕУ. Денес оваа стратегија е само уште една стара хартија со големи и нереализирани ветувања. Стратегијата на Европската Комисија проектираше дека Албанија и Македонија (доколку се реши грчкиот спор) ќе ги започнат преговорите во 2019. Наместо тоа ние 2019 добивме “гратис” вето од официјален Париз, од каде сега и јавно се промовира новиот концепт за “ЕУ со повеќе брзини”. Во меѓувреме од Исток добивме нови “добрососедски предизвици”, кои изобилуваат со уцени и притисоци, наместо со европски стандарди, напиша Милошоски на совијалните мрежи и како потврда сподели фото-вести од пред пет години.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пред неколку дена најави ново проширување на Унијата до 2030 година. Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, зборуваше за т.н. „Европа во две брзини“, а Европската комисија порача дека нема конкретна временска рамка за прифаќање нови земји членки. Според шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, Макрон зборувал за брзини во смисла дека нема да влезат сите наеднаш, туку во различни брзини во зависност кој кога ќе биде подготвен, а не Европа во слоеви, во смисла на привилегирани и помалку привилегирани. Вакво објаснување Османи добил во Блед од француската министерка за европски прашања, Лоренс Бун. (В.С.Н.)