Кој гарантира дека уставните измени се последно барање за Македонија?!

Додека очите на македонската и грчката јавност беа свртени кон евентуалната средба на македонскиот и грчкиот премиер во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски го сврте компасот и првите пораки до меѓународната заедница ги упати во контекст на барањата на соседна Бугарија кон Македонија. Во своето предавање на престижниот Универзитет „Џон Хопкинс“ во Балтимор, Мицкоски го отвори прашањето „кој може да ни гарантира дека уставните измени се последно барање“ за Македонија? Тој предочи и на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур, според кои правата на Македонската заедница во Бугарија се тие што се повредени. Во однос на ветото на Бугарија, премиерот истакнал дека добрососедските односи треба да бидат двонасочни

1388

Додека очите на македонската и грчката јавност беа свртени кон евентуалната средба на македонскиот и грчкиот премиер во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски го сврте компасот и првите пораки до меѓународната заедница ги упати во контекст на барањата на соседна Бугарија кон Македонија. Во своето предавање на престижниот универзитет „Џон Хопкинс’ во Балтимор, Мицкоски го отвори прашањето „кој може да ни гарантира дека уставните измени се последно барање“ за Македонија? Тој предочи и на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур, според кои правата на Македонската заедница во Бугарија се тие што се повредени. Во однос на ветото на Бугарија, премиерот истакнал дека треба да се разговара за вистински добрососедски односи, но тие да бидат двонасочни, а македонските граѓани премногу жртвуваа за европската перспектива и доста е со понижувања.

– Ние не сме политичари полни со наводи за криминал и корупција какви има во регионот. Ќе ги штитиме нашите интереси, подготвени сме да разговараме со аргументи, да ги презентираме истите, да видиме чии аргументи ќе преовладеат. Македонските граѓани за европската перспектива дадоа како никој досега. Ние нема да може да бидеме спремни да ги почнеме преговорите ако не вметнеме неколку стотина наши граѓани во Уставот, што значи дека тоа е дел од бугарското малцинство во Македонија. Кој може нам да ни гарантира дека ова е последно барање? Во судот за човекови права во Стразбур, имаме 14 пресуди кои велат дека правата на Македонската заедница во Бугарија се повредени. И тука се поставува логично прашање, чии права се повредени, рече Мицкоски.

Сузбивање на криминалот и корупцијата

Мицкоски посочи и дека најголем приоритет на Владата пред сè ќе биде зајакнување на економијата, а таа не може да расте, ако нема одлучна борба против криминалот и корупцијата. Тој истакна дека од самиот почеток тргнал со идејата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, затоа што тие две институции имаат само 2 отсто доверба меѓу граѓаните.

-Кога има проблем треба да се соочиме со него и да се даде решение. Има експерти кои се против, но никој не дава решение како да се реши истиот. Ние сега имаме статус кво, но ќе ја продолжиме нашата борба, во насока да донесеме правда и надеж, тие два столба одат заедно, во спротивно би потфрлиле. Мораме да се соочиме со криминалот и корупцијата ако сакаме да ја развиеме нашата држава за следната генерација. Има голема коалиција помеѓу одредени политичари, судии, обвинители и бизнис-елита, и ние мора да ја разбиеме таа коалиција, во спротивно ќе потфрлиме исто како сите наши претходници и би биле поразени, потенцирал Мицкоски.

Во однос на актуелното прашања со Украина, Мицкоски истакнал дека земјава е огромен донатор за Украина и е меѓу топ 5 доставувачи на помош по глава на жител во светот.

Средба Мицкоски-Мицотакис?!

Уште пред почетокот на Самитот на НАТО во Вашингтон, во Грција и во Македонија се актуализираше прашањето за евентуална прва средба меѓу премиерите на двете земји, со оглед на тоа што овие три дена двајцата се на самитот. Од грчка страна стигнаа изјави дека таква средба не е планирана. Откако тоа го истакна портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, и директорот на Канцеларијата за односи со јавност и медиуми на грчкиот премиер, Панос Амирас во интервјуто за државната телевизија ЕРТ посочи дека не е планирана средба на двајцата премиери. Но, и Маринакис и Амирас потврдија дека Мицотакис пред сојузниците во Вашингтон ќе го подигне прашањето за прекршувањето на Договорот од Преспа од соседната земја“.

-Секако дека ќе се покрене прашањето за прекршување на основните одредби од Договорот од Преспа од соседната земја. Не знам за некоја планирана средба со премиерот на Северна Македонија. Не знам дали ќе се случи, но сигурно не постои нешто што е планирано од грчка страна, рече Амирас.

Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, пак, претходно го потврди она што го најавуваше Мицотакис – грчкиот премиер пред лидерите на НАТО на највисоко ниво ќе го постави прашањето за почитувањето на Преспанскиот договор, од кој македонската страна, како што рече, „не ја почитува ниту првата страница“. Македонскиот премиер, пак, изјави дека доколку има средба со Мицотакис во Вашингтон, се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи. Во меѓувреме, од САД испратија јасна порака дека на билатералните спорови местото не им е во НАТО.

Потврдена поддршката од САД

Од Владата соопштија дека премиерот Мицкоски во Вашингтон имал средби со високи американски претставници кои ја потврдиле поддршката од САД за земјава.

-Се разговараше за можноста за искористување на економските потенцијали и политичка поддршка во остварување на стратешките интереси на државата. Се влегува во инвестициски циклус за сериозни капитални проекти во инфраструктурата, енергетиката и повеќе други полиња, истакнал Мицкоски.

Воедно било посочено дека една од главните цели претставува борбата против организираниот криминал и корупција, стои во владиното соопштение. Од страна на конгресмените била изразена силна поддршка, како силен пријател и сојузник на САД.

Во дел од медиумите особено внимание предизвика вечерата на Мицкоски и министрите за надворешни работи и за одбрана, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски, со поранешниот директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот, Ричард Гренел, кој важи за близок соработник на Доналд Трамп. Премиерот Мицкоски на социјалните мрежи објави дека имале „плодна и пријателска вечера“, а економијата, енергетиката и владеењето на правото биле теми за продлабочување на соработката.