Кој во Македонија треба да стравува од декретот на Бајден?

389

ЕУ се дистанцира, САД сè уште не најавуваат нови имиња. Декретот за Македонија има позитивно значење бидејќи испраќа силна недвосмислена порака и кон нашиот источен сосед, кој исто така е подложен на индивидуални санкции од САД, кои се однесуваат на корумпирани моќници во Бугарија, смета поранешниот министер за надворешни работи, Зоран Петров

Наредбата на Бајден за санкциите предизвика бура од реакции на домашната и на меѓународната политичка сцена, со толкување на упатените пораки преку оваа постапка.

Советот на Амбасадори, чиј претседател е Мухамед Халили, денеска го поздрави најновиот Декрет на Американскиот претседател Џо Бајден. „Советот на амбасадори ја поздравува определеноста на САД на лицата кои директно или индиректно претставуваат закана по имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор како што се Преспанскиот Договор и Охридскиот договор – да се ставаат на таа листа“ е нивниот заеднички став.

Од Европската Унија, пак, не ја коментираа одлуката на Бајден и истакнаа дека не планираат слични санкции. Петер Стано, портпарол за надворешна политика во Европската комисија, одговори дека Брисел не ги коментира одлуките на САД и истакна дека ЕУ има сопствени ангажмани на Западен Балкан, како последната  „силна дискусија“ во Советот за надворешни работи на ЕУ и одлуката редовно да се одржуваат неформални вечери со лидерите на земјите од регионот.

САД сè уште не најавуваат нови имиња, опфатени со извршната наредба на претседателот Џо Бајден, изјави за „Гласот на Америка“, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, одговарајќи на прашањето кога би биле ставени на црна листа потенцијално нови лица. „Но, оваа алатка ќе ни овозможи да ги адресираме најитните закани за стабилноста и напредокот на демократските институции – изјавил Прајс.

Во извршната наредба, која во средата ја потпиша претседателот Џо Бајден, се предвидува замрзнување на имотот и забрана за влез во САД, на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан.Кој и колку треба да стравува од оваа одлука?

„Декретот на Бајден се однесува во суштина на заштита на американските интереси и политички инвестиции во регионот“,вели Зоран Петров, потпретседател на Демократски сојуз и поранешен заменик-министер за надворешни работи.Како што знаеме Американците имаа огромно влијание врз Дејтонскиотдоговор,  Резолуцијата 1244 на ОН за Косово, Охридскиот рамковен договор итаканаречениот Преспански договор, објаснува тој.

Според Петров, сите овие акти беа во функција не само на смирување на состојбите на Западен Балкан, не само по имплементирањето на демократските вредности во регионот, туку пред сè во интегрирањето на државите во НАТО и во ЕУ.Оттаму, сосема очекувано и разбирливо е дека сите внатрешни и надворешни фактори кои ги опструираат овие процеси ќе бидат подложни на американски санкции.

„Би било сосема погрешно ова да се става во контекст на одредени политички структури или национални влади, затоа што американските интереси најчесто се адресирани на поединци и групи. Она што е посебно важно е што овој активизам на новата постава на Белата куќа доаѓа во времето кога во регионот на Западен Балкан е создаден еден вакуум предизвикан од серија на внатрешни промени на  администрацијата на ЕУ. Видливо е дека во Македонија, БиХ, Албанија, Косово, Србија и во Црна Гора се појавуваат сили кои промовираат анти-НАТО и анти-ЕУ ставови. Низ популистичката реторика, свртена кон промоција на руската и кинеската  страна се создава скептицизам кон Унијата и Алијансата“, објаснува Петров.

 „Мое лично мислење е дека овој декрет за Македонија има позитивно значење бидејќи испраќа силна недвосмислена порака и кон нашиот источен сосед кој исто така е подложен на индивидуални санкции од САД кои се однесуваат на корумпирани моќници во Бугарија.“ Очекувам дека американскиот став изразен во форма на притисок ќе биде правилно прочитан и дека најмоќните членки на ЕУ  ќе вложат дополнителни напори замакедонскиот евроинтегративен процес, заклучува Петров.

Инаку, на листата на санкции на Одделот за финансии на САД, сега се наоѓаат: Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, КастриотХаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени. Повеќето од нив се ставени на оваа листа за време на администрациите на Бил Клинтон и ЏорџБуш.

(М.М.)