Кој во ерата на работа од дома ви го плаќа кафето и тоалет хартијата? Треба ли компаниите да исплатат ковид-бонус?!

110

Оваа година, холандските власти ќе понудат бонус од 363 евра на вработените кои работат од дома, сметајќи од март кога беше воведен карантин во таа земја.

Како што продолжува пандемијата ширум светот, а десетици милиони луѓе се чини дека уште долго ќе работат од дома, се појавуваат важни прашања. На пример, кој и колку плаќа за чај, кафе или тоалетна хартија?

Холанѓаните тврдат дека тое се вашите шефови, односно компанијата. И тоа околу две евра на ден, во просек, пишува Ројтерс.

Ова вклучува не само кафе, чај и тоалетна хартија што ги трошите дома, туку и дополнително греење, струја и вода, како и амортизација за употреба на маса и стол – основни работи што никогаш не сте помислувале да ги платите во канцеларија.

„Буквално пресметавме колку чај троши просечно домаќинство, па затоа не беше тешко да се утврдат трошоците“, вели Габриел Бетинвил од Институтот за семејни финансии (NIBUD), кој е главно спонзориран од државата, а ги пресмета сите трошоци за работа на далечина.

Се разбира, две евра се просек што зависи од трошоците, што не вклучува мебел, компјутери, телефони и друга опрема што работодавачот треба да им ја обезбеди на вработените, доколку се неопходни за нивната работа.

На оваа реалност се прилагодуваат и други земји, свесни дека многу вработени нема да бидат воодушевени со враќање во канцеларија кога ќе помине пандемијата.

Шпанија пропиша дека работодавците мора да плаќаат за одржување на работниот простор и опремата, Германија расправа за закон што се однесува на правата на работниците кои работат на далечина, Франција усвои регулатива што ги штити од и-меил надвор од работното време, додека Велика Британија посочи дека може да ја „олабави“ даночната политика во врска со одбивање на данокот при купување на опрема за работа од дома за време на пандемија.

Сепак, оваа приказна има и друга страна. Шефовите на компаниите тврдат дека дополнителните плаќања имаат малку смисла во време кога пандемијата ја осакати светската економија.

Извор: Б92