Која е третата опција што ќе им ја измеша математиката на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ?!

208

Потреба има, има и простор, ама време за трета политичка опција нема. На три месеци пред изборите, аналитичарите со став, на македонската политичка сцена ѝ треба освежување. Платформата „Македонски концепт„ на чело со Петар Богојески, „Левица„ предводена од Димитар Апасиев, Глас за Македонија на Солза Грчева, „Единствена Македонија„ на Јанко Бачев, „Интегра„ на Љупчо Ристoвски и другите помали партии ќе ги раситнат гласовите во македонскиот електорат, но неизвесно е дали ќе го прошараат македонскиот парламент, со оглед на тоа што веќе е доцна за најавените измени во изборниот законик, што предвидуваа и промена во изборниот модел.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за весникот Вечер коментира дека актуелната политичка сцена во земјава е доста статична и оти има простор за нова понуда.

-Во основа, простор за трета опција има, бројките, анкетите и анализите покажуваат дека нашата политичка сцена, вака како што изгледа, е статична и со години иста, но не знам дали има време со овие избори закажани за 12 април. Мислам дека на овие избори ќе има почетоци за нови иницијативи и за трети опции кои очекувам да добијат некаква поддршка од граѓаните, но не сум сигурен дали таа поддршка ќе биде доволна за промена во распоредот на силите на двете најголеми македонски партии. Сепак, не ја исклучувам можноста и овие партии сега да добијат свои претставници во македонскиот парламент, и покрај тоа што искуствата од претходните изборни циклуси велат дека нивните шанси за пратеничко столче се сведени на минимум, вели Арсовски.

Ситни прегрупирања може да и има и во актуелните коалиции, предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Помалите партии, застапени со еден или неколку пратеници, не ја исклучуваат можноста овие избори да облечат партиски дрес од претходно противничкиот табор.

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека разговараат со сите субјекти и дека се отворени за соработка со секого, и не кријат дека преговараат и со помалите партии од македонскиот политички блок.

Дека е потребен нов и сериозен политички субјект, смета и поранешниот министер во владата на Никола Груевски, Никола Тодоров.

-Велам сериозен, затоа што видовме дека многу обиди имаше за ова во последниве две-три години, но и последните месеци, а сепак сѐ уште граѓаните не гледаат нов политички субјект во државава. А бараат. Бараат нов политички субјект неверојатни 51.9% од граѓаните, за разлика од 40.1% од граѓаните кои сметаат дека таков нов политички субјект не е потребен. Ова, преведено, значи дека сите партии на купче да се соберат, сосе сите нивни членови, поддржувачи и гласачи, се значително помалку од оние кои сметаат дека треба да се појави нов политички субјект различен од сите постојни. Ова е најголемиот шамар, една убава врела шлаканица директно во лицето на сите политички партии, удрена не од кој било, туку од македонските граѓани. Со други зборови граѓаните им порачаа на сите постојни партии дека се неспособни, неинвентивни, некорисни за државата, со повеќе мани и слабости од предности и доблести, со слаби лидери и лоши програми, пишува Тодоров во колумна за Дојче Веле.

Иницијативата „Македонски концепт„ предводена од Петар Богојески неодамна ја започна кампањата „Приклучи се, направи промена“ под мотото „За нормална држава“.

-Долго време македонските граѓани бараат организирана форма за настап на политичката сцена во земјава, различна од досегашната политичка понуда. Платформа која е независна од воспоставените елити, понуда која не ја контролира мафијата, која нуди нормалност, наспроти целата ненормалност во последниве 30 години. Сега ја имаме таа понуда, тоа е Македонски концепт, порача Богојески.

Помалите политички партии предводени од Лилјана Поповска од ДОМ неодамна до Собранието поднесоа иницијатива за измени на Изборниот законик, но предлогот остана во собраниска процедура.

– Овие два блока го држат заробен цел политички блок и тие имаат слога за да го задржат овој изборен модел. Доколку се договорат за една изборна единица, имам информации дека ќе инсистираат на висок праг, а тоа е срамота зашто држава како Холандија има 0,6 проценти. На тој начин граѓаните остануваат без свој претставник, понекогаш пропаѓаат и по 100.000 гласови, а тие гласачи остануваат без свој пратеник. Големите партии бегаат од отворени листи затоа што сакаат да си останат султан-партии во големите коалиции, изјави неодамна Солза Грчева во изјава за весникот „Вечер“.

Експертите се сложуваат дека е потребно да се намали бројот на изборни единици и дека изборниот модел треба да се крои согласно карактеристиките на нашата држава и да обезбеди стабилност. Една изборна единица и отворени листи, според последните анкети е најпрефериран модел и за граѓаните.