Во време кога повторно се негираат македонските идентитет, јазик, историја и култура, неопходно е да потпреме на фактите што ја потвруваат нашата посебност. Токму фактите за Македонското научно-литературно другарство, неговите првенци – Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски и нивниот придонес за македонскиот народ и за македонскиот јазик се вечни и тие ќе сведочат за борбата за „правото и слободата на македонскиот народ“. Македонците, иако се на работ на истребување, сепак, ќе опстојат за навек. Ова се главните пораки од научната конференција посветена на 120-годишнината од формирањето на Другарството, на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ.

Формирањето на Македонското научно-литературно другарство, како што истакна претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, е настан што барем симболично го означува почетокот на македонската современа научна мисла. Тој додаде дека е потребно да се биде интелектуално упорен „кога дури и докажаните факти се на удар на оние што ја негираат науката“.

– Ваквиот пристап кон науката денес е поважен за Македонците од кога било порано. Фактите за Другарството, Мисирков, Чуповски и нивниот придонес за македонскиот народ и за македонскиот јазик се вечни и тие ќе сведочат за борбата за „правото и слободата на македонскиот народ“. На 29 октомври се навршуваат 82 години од смртта на Димитрија Чуповски, а последните цитирани зборови се напишани на крстот на неговиот гроб – истакна денеска академик Коцарев, додавајќи дека Македонците, кои исто како и балканскиот рис иако се на работ на истребувањето, сепак, ќе опстојат за навек.

Тој посочи дека иако Другарството престанало да постои во 1905 година, а обидите за негово возобновување не успеваат, тоа е темелот врз кој е формирана МАНУ во 1967 година.

– Меѓутоа МАНУ сè уште не собра сили, наместо 55-годишен јубилеј во 2022, да прослави 120-годишниот јубилеј од своето формирање – посочи Коцарев.

Динамиката на индивидуалните и на колективните идентитети, посочи во своето обраќање академик Катица Ќулавкова, денеска е под влијание на центрите на моќ, кои создаваат владејачки перцепции на стварноста и којуктурни конструкции во сите области на колективниот идентитет, но кои се рефлектираат и врз индивидуалниот. Таа додаде дека се случиле радикални промени за концепцијата на нацијата на Македонското другарство, затоа што нацијата на крајот од 19 и почетокот на 20 век била култна категорија, општествена вредност.

– Во периодот кога тие го формираат друштвото со цел да му се даде интелектуална тежина на македонското револуционерно движење, односно да се покаже дека револуционерно движење не е доволно за да се изгради држава. Треба и еволуционистички пристап, треба политички, дипломатски, научни, интелектуални и творечки активности. Тие го формираат ова друштво и започнуваат со научно- истражувачка дејност за да покажат кои се корените, кое е богатството, кое е значењето на македонскиот фолклор, македонскиот народ, неговата историја, културата, духовноста, јазикот, итн. за да дојдат до констатација која е носечка, главна, дека ќе се залагаат за единство на македонскиот народ и македонскиот јазик, однсоно јазикот ќе го посматраат како интегративен фактор на идната македонска држава – истакна академик Ќулавкова.

Според проф. д-р Ганка Цветанова, научната конференција е извонредно значајна, особено во актуелните случувања, каде што се соочуваме со негирања на нашиот македонски национален идентитет, на македонскиот јазик.

– Во таа смисла, овој проект не само што ги реафирмира членовите на Македонското научно-литературно другарство и нивната дејност туку истовремено го реафирмира и нивниот придонес во смисла на исцртување на контурите на македонскиот национализам, на македонскиот национален идентитет и истите претставуваат извор и основа на политичката легитимност на денешната македонска нација – нагласи проф. д-р Цветанова.

Оваа година, јубилејот, освен со научната конференција „Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, Димитрија Чуповски и Крсте П. Мисирков“ одржана денеска во МАНУ, во Скопје, ќе се одбележи и со уште еден настан. Утре, во издание на руската издавачка куќа „У Никитских ворот“ од Москва ќе излезе, во превод на Олга Панкина, драмата „Последниот ден на Мисирков“ на Јордан Плевнеш.

(И.С.)