Костадиновска-Стојчевска го потпиша договорот за преземање на Универзална сала, се чека на потписот на Арсовска

341

Доколку соработката со Град Скопје тече непречено, од Министерството за култура велат за весникот ВЕЧЕР дека се подготвени да започнат со првите активности на објектот во текот на месецов

 

Владата ја задолжи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да склучи договор со Град Скопје за преземање на реконструкцијата на Универзална сала. Од Министерството за култура информираа за весникот ВЕЧЕР дека потпишаниот договор веднаш е доставен до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

– Договорот, претходно, на техничко ниво беше усогласен согласно со законските одредби што го регулираат ова прашање, со цел да се постигне договор кој ја почитува во целост одлуката на Советот на Град Скопје и според кој продолжуваме да ја градиме Универзална сала – велат од Министерството за култура.

Додаваат дека по неколкумесечните преземени иницијативи и административни активности во насока на реализација на одлуката на Советот на Град Скопје, покажале искрен интерес и волја за решавање на еден значаен културен објект за државата и успеале да се договорат со Град Скопје за пренесување на правото на реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала.

Воедно, во соопштението на владината Прес- служба се наведува дека Владата го задолжила Министерството за култура, по приемот на целокупната документација од Град Скопје, да ги согледа проектно-техничката и финансиската документација за реконструкцијата на објектот Универзална сала и за потребните финансиски средства да обезбеди согласност за преземање обврски на буџетски корисници за наредни три години (2024, 2025 и 2026 година).

Како што информираат од Министерството за култура, Град Скопје сè уште не им ги доставил документите во врска со Универзална сала и го повикуваат да го стори тоа побрзо, односно по потпишувањето на договорот, бидејќи, како што велат, веќе е загубено многу време со прекинот на реконструкцијата и одолговлекувањето на спроведувањето на одлуката на Советот на Град Скопје.

Додаваат дека се подготвени да започнат со првите активности на објектот, доколку соработката со Град Скопје тече непречено, во текот на месецов. Притоа, нагласуваат дека целта е што побрзо да започнат со интензивна работа за обновување на објектот и, како што потенцираат, да се врати сјајот на Универзална сала, која е симбол на солидарноста, каква што заслужува една европска престолнина на културата.

(А.П.)