Додека во соседна Србија последниве две недели лекарите работат со полна пареа поради бројните пациенти со респираторни вируси и новиот бран на коронавирус, во Македонија засега епидемиолошката состојба е мирна. Во Србија се полнат и болничките кревети на Инфективната клиника и на Клиниката за пулмологија при Универзитетската болница. Како што вели за весникот ВЕЧЕР д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, кај нас состојбата со коронавирусот е мирна, бидејќи во последниве десетина дена немаат хоспитализирано ниту еден пациент што е позитивен на ковид.
– Од 20 август, последниве десетина дена на Клиниката за инфективни болести се тестирани 49 пациенти, од кои 11-мина биле позитивни на вирусот, а ниту еден не е хоспитализиран. Се работи за полесни случаи, кои се лекуваат од дома. Тоа не е зголемување на бројот на случаи со ковид – смета д-р Стевановиќ и дополнува дека се работи за лесни пациенти, кои се лекуваат дома.
Таа информираше дека бројот на амбулантските пациенти на нивната клиника секојдневно е голем.
– Има многу пациенти во нашите амбуланти, но се работи за други дијагнози, а не за ковид. Само во ноќните смени имаме по 30-мина пациенти, но не се заразени од ковид – вели д-р Стевановиќ и дополнува дека тие се терцијарно здравство и кај нив во моментов таква е ситуацијата.
Според неа, оваа слика е очекувана, а таа не може да предвиди како ќе биде во иднина.
И д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, вели дека епидемиолошката состојба во земјава е стабилна и нема место за паника.
– Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје за јули, во земјава имало регистрирано вкупно 23 позитивни и нема починато лице – вели за весникот ВЕЧЕР д-р Мехмедовиќ и дополнува дека тие, како Комисија, будно ја следат состојбата.
По веста дека силен ковид-бран се шири во соседна Србија, доктор Ненад Лазаров, кој е од примарната здравствена заштита, е загрижен и се огласи преку својот ФБ-профил со предупредување.
– Пред нас е еден голем бран на ковид, со силен потенцијал за огромен број случаи во кратко време, поради способноста да се заобиколи имунитетот, што видовме што значи за земја како нашата, пред сè социоекономски. Малоумните нема ни да пробаат да ме разберат, па ќе потенцирам дека не зборуваме за смрт, но се работи за сериозна и непредвидлива болест, која е сè, само не грип и може да биде пресудно за ранливите категории – вели познатиот доктор во објава на својот фејсбук-профил.
Тој упати апел државата соодветно и, пред сè, навремено да реагира со заштитни мерки, но, како што порача, без небулози.
– Мојот личен став е дека најголем ефект и клучна алка е нашето цивилизирано однесување со суштинскиот момент, болните да седат дома и да ги заштитат здравите, и второ, да се овозможи непречено тестирање. Вакцини нема, лек што прави разлика – постои, ама го немаме во моментов – потенцира доктор Лазаров.
Светската здравствена организација веќе реагираше и новата подваријанта на ковид ЕГ.5, неофицијално наречена ерис, ја прогласи за „варијанта од интерес“, повикувајќи ги земјите да обрнат внимание во време кога се зголемува бројот на заразени луѓе во светот. Тие препорачаа имунизација.
Познатиот епидемиолог д-р Драган Даниловски вели дека нема простор за паника во случајот на овој сој, кој може да ги зголеми хоспитализациите, но не и смртноста.
– Во преку 36 земји е јавена оваа нова варијанта, доминира во Британија и во САД, таму се зголемува бројот на хоспитализирани, но на други местата не, затоа што САД и Британија се стари популации, посколни се потешко да минуваат на ковид. Тоа важи и кај нас, но нема епидемиолошки индикации дека нешто се поместува. Затоа јас би рекол дека оваа информација за новата варијанта е само за академските стручни кругови, а општата популација нема потреба понатаму да се напнува и непотребно да ѝ се всадува паника, бидејќи не постои причина за тоа. Мислам дека не само во Македонија туку и на цел Балкан и во целиот свет, може некаде да се зголемуваат хоспитализациите, но смртноста не се зголемува – објасни искусниот професор.
Новите подваријанти на омикрон се пренесуваат побрзо, но не предизвикуваат тешки форми на инфекција.
– Омикронските подваријанти се нови мутации, а претпоставката е дека лесно се пренесуваат. Во земјите во кои се регистрирани, постојано ги тестираат варијантите што се присутни, проверуваат дали влијаат на тежината на клиничката слика, дали помагаат терапии, дали вакцините се ефикасни. Верувам дека коронавирусот ќе дејствува како грипот, па од сезона на сезона ќе имаме нова мутација за која ќе биде неопходно да се прими сезонска вакцина за да останеме имуни на инфекции. Институтот за молекуларна генетика и генетско инженерство во моментов е единствената институција во земјата што може да регистрира нова подваријанта на вирусот, бидејќи ниту една друга лабораторија веќе не се занимава со ваква работа – објаснува Александра Кнежевиќ, вирусолог од Србиј за „Нова“.
Драган Миљковиќ, специјалист по општа медицина, вели дека постојните тестови на коронавирус се несигурни, бидејќи не го детектираат овој мутант на вирусот. Според него, треба да се направи тест за овој сој коронавирус. (В.Ма.)