Концерт на Младинскиот оркестар при ЦК „Трајко Прокопиев“ во КИЦ во Софија

95

Во македонскиот Културно информативниот центар на  во Софија се одржа концерт „Музиката нема граници“ во изведба на Младинскиот оркестар на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово, јави дописникот на МИА од Софија.

Оркестарот изведе многу популарни македонски песни, како и рок музика, преработки на македонски евергрини и народни песни.

Во програмата на оркестарот беа вклучени музички композиции од настапи на Каролина Гочева, Тоше Проески, Александар Митевски и Драган Спасов Дац, Влатко Стефановски, Ареа, Куку Леле, Нон Стоп, Александра Јанева, Зијан, Ана Костовска, а исто така и џез-преработки на познати македонски народни песни, како и песни од кумановскиот крај.

Посетителите во преполната сала на КИЦ во Софија го наградија оркестарот со долги аплаузи.

Уметничкиот раководител на оркестарот од Куманово, Александар Митрички, за МИА изјави дека се потрудиле да дадат се од себе и оти се радуваат оти публиката во Софија тоа го препознала.

– Атмосферата беше прекрасна и за исполнителите и за музичарите. Песните беа прифатени одлично, рече Митрички.

Тој додава дека уметноста и музиката поврзуваат и оти овој концерт е пример за сите дека треба да се унапредува културната соработка.

Младинскиот оркестар брои над 15 члена, а неговиот инструментариум е составен од вокални солисти, бас-гитара, соло-гитара, акустична гитара, клавијатури, саксофон, кларинет, кавал, хармоника, кахон, тарамбука, виолина, труба, тромбон.

Покрај композициите што се пеат, оркестарот изведува и композиции во форма на џез стандарди, преработки на песни во инструментална форма и преработки на песни од традиционалната македонска музика.

Оркестарот е формиран во 2020 година и работи под уметничко раководство на Александар Митрички, Мима Младеновска – вокал и Филип Гелевски – вокал.