По успешните концерти во „Коларац“ во Белград и во Македонската филхармонија во Скопје, следниот настап на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ и на светски познатата виолинистка Ирина Мурезану ќе се одржи на 23 септември, со почеток во 20 часот, во Новосадската синагога. Ова е уште едно во низата интернационални гостувања на „Профундис“ оваа сезона, по спектакуларните настапи на сцената на престижниот фестивал „Раванелиус“ во Србија и „Котор арт“ во Црна Гора.
– Да се настапува на иста сцена со Ирина Мурезану со нашата концертна турнеја во Скопје, Белград, а сега и во Нови Сад, е вистинска чест. Нејзините виртуозност и страст кон виолината се неспоредливи, а спојувајќи ги со нашиот камерен оркестар „Профундис“, создаваме музичко искуство што ќе допре до срцата на новосадската публика. Концертот е прослава на универзалниот јазик на музиката и ги повикуваме сите да ни се придружат на оваа незаборавна вечер – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички директор и диригент на камерниот оркестар „Профундис“.
Романската виолинистка Ирина Мурезану ги освојува срцата на публиката и на критичарите со своите возбудливи, елегантни и искрени изведби на класичниот, романтичен и модерен репертоар. „Бостон глоуб“ ја пофали „не само како виртуоз туку и како уметник“, а „Лос Анџелес тајмс“ напиша дека нејзините „музички сјај, топена лирика и колоритна концепција ја прават нејзината изведба особено восхитувачка“. Свири на виолина од 450.000 евра и е лауреат и добитничка на главната награда на натпреварите „Монтреал интернационал“, „Вашингтон интернационал“, „Про музицис интернационал“ и на наградата „Кралица Елизабета 2“.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав, кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот, со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестра во Македонија, Националната опера и балет и Македонската филхармонија.