Концерт на Македонската филхармонија вечерва во Градскиот парк; инспириран е од филмовите на Кјубрик

204

Вечерва (19 јуни), со почеток од 21 часот, во Градскиот парк, Македонската филхармонија ќе го реализира традиционалниот концерт „Филхармонија на отворено“.

Концертот носи наслов „Одисеја 2024“, и е инспирација од револуционерниот филм „2001: Вселенска одисеја“ на Стенли Кјубрик, а со кој се најавува новата концертна сезона на Македонската филхармонија во јубилејот којшто годинава го слави оваа најстара национална институција – 80 години од постоењето.

Под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, а кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.

-Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика. Под ѕвездите на скопското небо, одиме на футуристичко патување низ дел од филмографијата на најкреативниот режисер на сите времиња – Стенли Кјубрик, визионерот кој изврши огромно влијание врз светската филмска уметност, посочуваат од Македонската филхармонија.