Вчеравечер, на сцената на Националната опера и балет беше одржан традиционалниот, генерациски, завршен концерт на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ од Скопје, 74. по ред. Присутната публика уживаше во сплетот на игри во изведба на над двесте игроорци, музичари и хористи, чиј настап беше награден со бурен аплауз и овации. Како што посочи уметничкиот директор на АКУД „Мирче Ацев“ – Скопје, Благоја Јованоски, на сцената настапија околу 80 деца, од пет до 12 години, кои се членови на АКУД „Мирче Ацев“, што според него укажува и на интересот на младите за фолклорот

 

„Музиката и ората се нашиот непокор, нашиот пркос низ историјата, заради нив сме опстиле и покрај сè…“, а „Кога на сцената е младоста, иднината и бесконечната љубов-децата, тоа е празник за очи и слава за душата“… Ова се само дел од реакциите на присутните во салата на Националната опера и балет каде што вчеравечер беше одржан традиционалниот завршен генерациски концерт,  74 години Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ од Скопје.

На сцената пред полната сала настапија различни генерации од ова друштво, над двесте игроорци од пет до триесет и пет години, музичари и хористи, чиј настап беше награден со бурен аплауз и овации.

Присутната публика уживаше во сплетот на игри од Источна Македонија, беа изведени „Мариовска Тресеница“ и „Лазаренки“ – женска игра, сплетот од Србија,  „Овчарки“, исто така сплет на игри, како и „Калајџиско“, но и „Надигранка“…

Како што посочи уметничкиот директор на АКУД „Мирче Ацев“ – Скопје, Благоја Јованоски, завчеравечер на сцената настапија околу 80 деца од пет до 12 години, кои се членови на АКУД „Мирче Ацев“, што според него укажува и на интересот на младите за фолклорот.

„Презадоволни сме и ние организаторите, но и присутната публика според која ова беше еден од најдобрите концерти годинава. Инаку, друштвото има позитивна оценка за работата, па и родителите ги зачленуваат своите деца. Имаме интерес за зачленување од сите генерации. Хорскиот ансамбл, пак, летово во Паралија, Грција, во конкуренција на 17 хорови од Европа има освоено прво место, а настапија со композиции на Драган Шуплевски. Целовечерен концерт на Хорот се одржа на 4 декември, во Музејот на македонската борба, со промоција на ново дело“, посочува Јованоски.

Инаку, концертот како што додаде, беше посветен на игроорката на АКУД „Мирче Ацев“, Нела Стефанов, која летово трагично го изгуби животот во сообраќајна несреќа. Во атмосферата полна со емоции завчеравечер беше одадена почит и на Вања Ѓорчевска, чиј живот прерано згасна на само 14 години.

Формирано во текот на 1949 година, со одлука на Универзитетскиот одбор на Студентската младина на Македонија, Друштвото започнало да ги реализира своите активности преку академскиот хор, фолклорниот ансамбл, оркестарот, како и преку детското фолклорно студио, кои функционираат со несмален интензитет до денес. Ова е најстарото македонско друштво што стапнало на австралиска почва или, како што пишува во архивите од нивниот настап, „го посеало семето на македонскиот фолклор во Австралија“. Нивните настапи во Канада, Америка, Европа и на Балканот секогаш се оценети со највисока оценка.

Друштвото „Мирче Ацев“, работи во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” – со голема посветеност, а токму за посветеноста, која трае над седум децении, зборуваат и неговите настапи низ светот. АКУД „Мирче Ацев“ има настапено и на Универзијадата во градот Едмонтон, во Канада, пред 120.000 посетители, каде што тогашната британска кралска двојка, принцот Чарлс и принцезата Дајана, била покровител. Има настапувано во Австралија, Канада Америка…, како и насекаде во Европа…

Освоени се многу први награди во светот. Од претседателот Тито АКУД „Мирче Ацев“ има  добиено орден со сребрени зраци, 13-ноемвриската, 11-октомвриската награда… За големината на АКУД ‘Мирче Ацев’ зборува и фактот што во своја  сопственост има повеќе од 470 оригинални носии, народни инструменти, шестчасовна програма со кореографии на ора и песни, снимени цедеа, видеокасети, албуми… (Д.Т.)