Концертите „Ну Погоди!“ и „Љубов и револуција“ на Филхармонија во Градски парк

107

Следејќи ја традицијата и годинава на крајот од сезоната Филхармонијата излегува надвор од институцијата, па така на 23 и на 29 јуни во Градскиот парк (21 ч.), ќе се реализираат два концерта насловени „Филхармонија на отворено“ во соработка со Младинскиот културен центар и Град Скопје.

Првиот концерт на 23 јуни носи наслов „Ну Погоди“. Станува збор за уникатен проект каде што ќе бидат изведени познатите теми од култните цртани филмови од земјите од Источниот блок, кои го обележаа детството на генерациите од 70-тите и 80-тите години.

Во аранжмани на извонредниот Владимир Николов, а под диригентската палка на Џијан Емин, ќе бидат изведени темите од „Балтазар“, „Ну Погоди“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“…, и тоа проследени со специјална видеопроекција, како и со спектакуларен светлосен дизајн.

Вториот концерт е на 29 јуни и ќе биде насловен „Љубов и револуција“, повторно под диригентство на Џијан Емин. Во негови аранжмани ќе бидат изведени едни од најпопуларните песни од сферата на поп-рок и панк музиката која претежно ги одбележа 90-тите години. Заедно со оркестарот на Филхармонија, ќе настапи и хорот „ПроАрс“, чиј диригент е Сашо Татарчевски. Ќе бидат изведени песни на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“.