Концертите во Кинотека продолжуваат со Амира Медуњанин во пулската Арена

93

На 22 јули, во 20:30 часот во Кинотеката – на летната сцена „Мирно лето“, во рамките на серијалот „Концерти во Кинотека со Croatia Records“ ќе се емитува концертот на „world-music“-дивата Амира Медуњанин, одржан во пулската Арена на 3. август, 2018 година.

„Во импресивниот амбиент на Арената, со Амира на сцена беа и врвните музичари – Бошко Јовиќ (гитара), Анте Гело (гитара), Бојан Зулфикарпашиќ (клавир) и Звонимир Шестак (контрабас), како и гостите, меѓу кои и македонскиот музичар Исмаил Лумановски (кларинет) и Никола Стајиќ (електрична гитара). Во репертоарот на концертот чија снимка трае цели два часа и три минути, се најдоа прочуените севдалинки: ‘Емина’, ‘Где си душо, где си рано’, ‘Што те нема’…, како и македонските традиционални песни ‘Ја излези, Ѓурѓо’, ‘Ој ти момче, Охриѓанче’, ‘Си заљубив едно моме’, но и еден рокенрол-класик, за кој Амира вели дека е чист севдах – ‘Ако знаш било што’, од перото на легендарниот Џони Штулиќ и репертоарот на ‘Азра’“, посочуваат од Кинотека.

Програмата „Концерти во Кинотека со Croatia Records“ стартуваше на 1 јули со концертот на Влатко Стефановски во „Лисински“, па продолжи со концертите на Јосипа Лисац и Раде Шербеџија, додека следниот четврток (29-ти јули), ќе биде прикажан и последниот концерт од овој неформален серијал, инаку дел од богатата „BLU-RAY“ програма на дискографскиот гигант, кои, според сензибилитетот, одговараат на местото и на времето – станува збор за концертот на музичкиот волшебник „J.R. August: Live in Hrvatski Glazbeni Zavod“.

Доколку заврне, настанот од летната сцена на Кинотека се преселува во внатрешноста на оваа установа.