Кому ќе се продава земјиштето околу Стајковци, Булачани, Смилковци и Црешево наменето за преработка на неопасен отпад?

1604

Јавната презентација за ДУП-овите за блок 2,3 и 4 од С 17 во општина Гази Баба беше прекината уште пред да почне нивната презентација. Во општинската барака 8 дојдоа голем број граѓани од населбите Железара, Бутел и Автокоманда, како и од населените места над обиколницата бидејќи сметаат дека ќе бидат под директно влијание на ново зголемено загадување, емисии на штетни гасови и бучава доколку се реализираат планираните градења како што се вцртани во плановите. Дејан Димитровски, советник од редот на зелената партија ДОМ, најави дека следна е борбата за да им се објасни на граѓаните кому ќе се продава земјиштето околу селата Стајковци, Булачани, Смилковци, Црешево кое е наменето за индустриски капацитет за преработка на неопасен отпад

Јавната презентација за ДУП-овите за блок 2,3 и 4 од С 17 во општина Гази Баба беше прекината уште пред да почне нивната презентација. Во општинската барака 8 дојдоа голем број граѓани од населбите Железара, Бутел и Автокоманда, како и од населените места над обиколницата бидејќи сметаат дека ќе бидат под директно влијание на ново зголемено загадување, емисии на штетни гасови и бучава доколку се реализираат планираните градења како што се вцртани во плановите.

Тие нервозно реагираа пред координаторката на Секторот за урбанизам во Општина Гази Баба, Благица Блажевска, велејќи дека со усвојувањето на ДУП-овите ќе се создаде еколошка катастрофа и нема да дозволат изградба на тешка загадувачка индустрија во нивната околина.

Блажевска два пати ја напушташе салата и заминуваше во својата канцеларија заедно со плановите што требаше да им ги презентира на граѓаните. Меѓу присутните беа и неколку општински советници од повеќето партии во Советот на општина Гази Баба кои, исто како и граѓаните, сакаа да слушнат што се предвидува со ДУП-овите за да знаат како да гласаат кога ќе се носат плановите.

– За вакви одлуки не може да одлучува една мала група на луѓе. Каде се експертите, или да се прашаат граѓаните дали сакаат да живеат наредните 100 години во општина со Г1, Г2 или со Г3 загадувачка индустрија. Триесет години никој не го реши проблемот со Вардариште, а сега ќе се брани индустријата. Кога се гласаше за првиот блок на сите ни беше објаснето дека после добиената борба на Уставен суд од О2 коалиција за парцелата која требаше да се рента на 99 години, е сменета во Г2. Но, никој од урбанизам не објасни дека во тој блок ќе се провлечат 5 парцели со Г1 тешка индустрија. Дали тие се постоечките или се нови. Треба да има повеќе информации до советниците за што и како да гласаат – истакна Дејан Димитровски, советник од редот на зелената партија ДОМ.

Тој најави дека следна е борбата за да им се објасни на граѓаните кому ќе се продава земјиштето околу селата Стајковци, Булачани, Смилковци, Црешево кое е наменето за индустриски капацитет за преработка на неопасен отпад.

– Треба да се објасни за каков отпад станува збор, која фирма ќе работи, од каде доаѓа и што точно ќе преработува – прашува Димитровски.

Советникот Александар Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ пак, рече дека има сознанија дека една фирма од соседна држава ќе уништува радиоактивен отпад во областа на Железара.

– Дали е тоа точно, дали има таква намера? Наместо наша цел да биде намалување на капацитетите на Железара, некој сака да изгласаме зголемување на опфатот, ново земјиште на тешка загадувачка индустрија. Па тогаш сите да се отселиме, не само од општината Гази Баба, туку од цело Скопје – рече Трајковски.

Блажевска тврди дека со новите ДУП-ови ќе биде овозможено само Г-2 – незагадувачка индустрија, на државно земјиште, поточно магацини за складирање.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска беше прашан што мисли за ДУП-овите на Гази Баба, поточно за Железара и за тензичната атмосфера при обидот за нивна јавна презентација и реакциите на граѓаните, тој одговори дека Деталните урбанистички планови што биле предмет на јавна расправа во понеделникот не биле доставени до Градот.

– Ние сме на мислење дека во нашиот град не е потребна тешка индустрија. Но, како Град, нашето стручно мислење ќе го дадеме кога ќе ни бидат доставени Деталните урбанистички планови – изјави Шилегов.

(С.Бл.)