Комуналното претпријатие „Водовод“ и во трета смена го собира отпадот

59

Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани воведе трета смена во секторот за комунална хигиена за да ја зголеми ефикасноста и интензитетот во собирањето и одлагањето на отпадот од индивидуалните домаќинства и од јавните површини во централното градско подрачје.

Кај објектите за колективно домување каде се поставени контејнери, сервисирањето на услугата е како и досега, односно двапати дневно, но воведени се контроли на терен и според потребите се интервенира вонредно.

– Високите дневни температури што предизвикуваат побрзо распаѓање на органските отпадоци се главната причина поради која воведовме уште една смена. Наместо двапати, комуналниот отпад веќе се собира и третпат во вечерните часови, односно покрај утринската и дневната смена, нашите работници и механизацијата на терен излегуваат и во периодот од 18 до 21 часот. На тој начин ќе ја подобриме јавната хигиена и ќе придонесеме за поздрава животна средина, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Заради подобрување на јавната хигиена „Водовод“ наскоро ќе набави уште 100 нови пластични и метални контејнери со капацитет од 1,1 кубен метар, триесетина метални корпи за отпадоци и придружна опрема. За оваа намена од сметката на претпријатието се наменети околу 1,5 милион денари.