Комуналец не може да исчисти колку што граѓаните можат да фрлат

102

Расфрлан кабаст отпад околу контејнерите за комунален смет се најчестите грди слики низ градот, особено во населбите. И покрај апелите стариот мебел, електронските и електричните апарати, како и вреќи со градежен шут настанат со реновирање на станови, да не се одлагаат на тие места, сепак несовесни скопјани тоа го прават, иако постојат два пункта за селекција на отпадот во Карпош 3 и во Вардариште каде тоа можат бесплатно да го сторат.

Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека секој ден во неделата, во терминот од 7 до 19 часот, без плаќање на паричен надоместок и со сопствено возило може да се донесе кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош 3 и Вардариште.

– Доколку имаат потреба за користење на нашите специјални возила за транспорт, оваа услуга може да ја побараат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 – потенцираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Според ценовникот од минатата година, подигнување и транспортирање на кабаст отпад внатре од домот чини 2.800 денари, изнесување од пред врата 2.000 денари, а изнесување на кабаст отпад без работници односно користење само на возилата на претпријатието чини 1.600 денари.

Граѓаните сметаат дека на толку голем град да има само две локации за одлагање на кабастиот отпад е недоволно, а и да се пријавуваат оние што фрлаат шут. Исто така, сметаат дека не секој има можност да плати превоз до посочените локации, ниту пак, да ја плати услугата што им ја нудат од ЈП„Комунална хигиена“ и апелираат да се изнајде некое реално решение.

Токму проблемите со кабастиот отпад се најчестите причини поради кои скопјани се јавуваат на дежурниот телефон на ЈП „Комунална хигиена“. Во првите шест месеци од годината на бројот 02/3216-644 се регистрирани вкупно 574 јавувања од граѓани поврзани со различни услуги кои ги нуди претпријатието. Најголем дел, дури 206 јавувања се однесувале на проблеми и прашања поврзани со собирањето на отпадот од пластичните канти поделени во индивидуалните домаќинства и 167 повици за услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните.

Во периодот од 18 до 22 мај 2021 година, ЈП Комунална хигиена“ спроведе акција за собирање кабаст отпад во сите скопски општини. Во рамките на акцијата, претпријатието постави специјални садови во кои граѓаните можеа да го одложат стариот мебел и отпадот од електричната и електронската опрема. Притоа беа исфрлени вкупно 650 кубни метри отпад, составен претежно од стар мебел и неупотребливи електронски и електрични уреди и беа реализирани 130 тури за собирање и транспорт на собраниот отпад.

(С.Бл.)