Компании со странски капитал ги принудувале вработените да се вакцинираат

До ССМ се пристигнати пријави од работници од три компании  со странски капитал, кои со закани и присилба ги терале да се вакцинираат. Добиени се и пријави од работници кои работодавците не ги пуштале од работа кога имале закажан термин за вакцинација

456

Иако имунизацијата против Ковид 19 во нашата држава е на доброволна основа, дел од вработените се ставани под притисок од работодавците да се вакцинираат.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија за весникот ВЕЧЕР информираат дека добиле пријави од работници во три компании дека работодавците им се закануваат за да ги присилат на вакцинација.

-Досега до ССМ се пристигнати пријави и барања од работници од три компании кои се со странски капитал, а каде што имало обид од страна на работодавачот со закани и присилба да се натераат работниците да се вакцинираат, на што навремено е интервенирано од страна на ССМ, поради тоа што личната определба на работниците за вакцинација треба и мора да биде резултат на нивната информираност, а ние како ССМ тоа и го правиме во изминатиот период, велат за весникот ВЕЧЕР од најголемиот синдикален сојуз.

 

Додаваат дека по нивната интервенција работодавците се воздржале од примена на такви непопуларни мерки.

-До работниците апелираме да ги следат препораките на здравствените власти во поглед на процесот на имунизација, велат од ССМ.

Од друга страна, укажуваат дека има и такви работодавци кои ги попречуваат вработените  во намерата да се вакцинираат со тоа што не ги пуштаат од работа иако имаат закажан термин. Во ССМ стигнале и такви пријави.

Во тој контекст, ССМ побара дури и денот за имунизација на работниците да се смета како платено отсуство од работа, но не доби позитивен одговор.

Инаку, Синдикатот во неколку наврати го изнесе својот став во врска со вакцинирањето на вработените.

-Во нашата држава, спротивно на Закон и на колективен договор е работодавачот со присила да ги тера работниците на било што, уште повеќе ако знаеме дека согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен да обезбеди соодветни услови на работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците, посочуваат од ССМ.

На работниците им предочуваат дека не постои законска или било каква друга можност заради одбивање на наредба од работодавач за присилна вакцинација да се загуби работното место.

Но, во нашата држава има и поинакви случаи. Наместо да ги присилуваат, некои работодавците во државата ги мотивираат своите вработени да се вакцинираат. Компанијата „Макстил“ на пример, на работниците кои се вакцинираат им дава бонус од 3.000 денари. Оттаму изјавија дека се надеваат дека ќе бидат позитивен пример, особено на оние кои се уште се двоумат дали да се вакцинираат. Финансиска мотивација со награда од 500 денари и новогодишен бонус од 3.000 денари, според укажувањето на партијата Левица има и во компанијата „АМФЕНОЛ“. Ваквиот начин на мотивирање на работниците за вакцинација потекна од САД и веднаш беше прифатен и кај нас.

Инаку, нашата држава е меѓу најлибералните кога е во прашање имунизацијата на граѓаните како заштита од ширење на Ковид 19. Вакцинацијата е на доброволна основа, а единствена пречка за невакцинираните е тоа што не можат да влезат во затворените молови и во угостителските објекти. Наспроти нашата практика, се поголем број земји прибегнуваат кон построги правила.

На пример, американскиот претседател Џо Бајден деновиве најави дека ќе потпише декрет за вакцинација на сите државни службеници, како и за институциите кои соработуваат со федералната влада. Белата куќа процени дека ова ќе опфати 2,5 милиони луѓе. Во Албанија вакцинацијата е задолжителна за лекарите, наставниците и студентите, а албанското Министерство за здравство најави дека истото ќе важи и за вработените во администрацијата, полицијата, вработените во аптеките и лабораториите.

И во Франција има одредени ограничувања за вработените. Персоналот во рестораните и другитете услужни места во Париз, кој брои околу два милиона, за да дојде на работа, мора да покаже доказ за вакцинација, негативен ПЦР тест или доказ за прележан Ковид- 19.

(С.В.)