Компаниите повеќе да ја користат медијацијата за решавање на споровите

Судските постапки траат повеќе од една година, а кај медијацијата и покрај тоа што законскиот рок е 60 дена, споровите се решаваат за помалку од 5 дена. Односот на трошоците на спорови кои се решаваат со медијација и оние преку судска постапка е 1:10. Според последната евиденција преку медитација досега во Македонија се решени над 2.000 спорови

52

Компаниите повеќе да ја користат медијацијата за решавање на меѓусебните спорови, бидејќи на тој начин ќе заштедат време и пари. За споредба судските постапки траат повеќе од една година, а кај медијацијата и покрај тоа што законски рок е 60 дена споровите се решаваат за помалку од 5 дена. Односот на трошоците на спорови кои се решаваат со медијација и оние преку судска постапка е 1:10. Според последната евиденција преку медитација досега во Македонија се решени над 2.000 спорови.
За да се зголеми користењето на медитацијата од страна на компаниите во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) отворен е првиот Центар за медијација, по примерот на европските и земјите во светот. Во Центарот, редовно ќе бидат одржувани предавања, презентации, работилници и обуки за претставниците од деловната заедница, што ќе сакаат да ја применуваат медијацијата како постапка во решавање на спор.
Потпретседателот на ССК, Александар Милошевски истакна дека медијацијата може да се примени во имотно-правните спорови, трговските, работните, потрошувачките, осигурителните, споровите од областа на образованието, заштитата на животна средина, дискриминацијата.
-Сакаме да направиме медијацијата, покрај на централно ниво преку Центарот за медијација во Сојузот, да биде достапна и на локално ниво, што ќе значи дополнителна заштеда на време, средства и ресурси за компаниите кои делуваат локално, истакна Милошевски и додаде дека позитивните примери од користењето на медијацијата ќе го зголеми нивото на користење во решавање на споровите наспроти долгите судски постапки.
Според претседателот на Комора на медијатори, Славе Младеновски, првиот Центар за медијација во Скопје, претставува официјално места во кое медијаторот ќе врши запознавање на претставниците на јавниот и приватниот сектор, како и на граѓаните со медијацијата.
-Во соработка со Сојузот, дополнително и со општините, ќе отвориме вкупно 5 Центри за медијација и тоа во скопскиот, југозападниот, источниот, и северозападниот регион. Преку формирањето на центрите сакаме да им помогнеме на компаниите да манифестираат ефективното и ефикасно управување со конфликтите меѓу нивните вработени и корисниците на нивните услуги, клиенти и деловни партнери“, истакна Младеновски.
Медијацијата во одредени случаи, Законски е задолжителна пред поднесување тужба на суд. Така во стопанските спорови за парично побарување, чија вредност не надминува 1.000.000 денари, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација.
Законот за медијација е донесен во 2006 година и до 2016 во постапка на медијација поминале околу 100 предмети. Нивниот број е значително зголемен во изминатите две години со формирањето на Комората на медијатори и сега, според нивната евиденција, има околу две илјади предмети. Тие очекуваат дека со формирањето на центарот сè повеќе ќе се користат услугите на медијаторите, а ќе бидат растоварени и судовите. (А.С.)