Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, вчера се одржа комеморација во чест на македонскиот поет, прозаист и преведувач Михаил Ренџов, кој неодамна почина на 88 години. Од Ренџов, кој зад себе остави богат книжевен опус, се простија неговите соработници, пријатели и семејството.
„Се проштеваме од еден од нашите великани, поетот на светлината и малкузборноста. Михаил Ренџов за навек ги продолжува светлите патеки на македонската литература, по патот на светлината што во македонската литература ја внесе Климент Охридски, и ја продолжи својата поетика низ певот на псалмите, издигнувајќи го македонскиот јазик на високиот пиедестал на јазиците. Во својот работен век Ренџов беше поврзан со свети Климент Охридски, зашто библиотеката што го понесе името на овој македонски светитетел и беше негов работен простор цели три децении, а во кој тој промотивно ја внесе македонската, но и светската поезија“, ќе речат од НУБ „Св. Климент Охридски“.
На комеморацијата се обратија д-р Владимир Мартиновски (претседател на ПЕН центарот во Македонија), Гордана Михаилова Бошнакоска (од Друштво на писателите на Македонија) и д-р Марина Мијаковска (НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје), кои се потсетија на ликот и делото на Михаил Ренџов.
Инаку, Михаил Ренџoв (1936, Штип), завршил Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство. Член беше на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на голем број книги меѓу кои: „Иселеник на огинот (поезија, 1965), Ноќно растење на зборот (поезија, 1967), На работ од сонот (поезија, 1972), Полноќ (поезија, 1979), Феникс (поезија, сонети, 1987), Земја. Потоп (поезија, 1991), Сонување патување (книга за деца, 1991), Јас оксиморон (поезија, 1998), Ангела сонува (поезија за деца, 1998), Псалми (поезија, 2000), Апокалипса (драмска поема, 2002), Раскази за Захариј (2004), Сонети (поезија, 2010), Зраци (поезија, 2023)… Аавтор е и на препевот на асиро-вавилонскиот еп „Гилгамеш“, а добитник е на бројни награди меѓу кои, на СВП за необјавена песна (1964), „Ноемвриска награда на градот Штип“ за „Иселеник на огнот“ (1965), „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата „Нерези“ (1982), „Прличев ловоров венец“ за поемата „Тој“ (1993), „Grand prix international” за севкупно творештво, Романија (1997)…