Комеморација во МНТ во чест на Ристо Стефановски/ФОТО ГАЛЕРИЈА

55

Во Македонскиот народен театар денеска напладне се одржа отворена комеморација во чест на Ристо Стефановски (1928-2022), долгогодишен театарски работник, театролог и театарски историчар.

Стефановски е роден во 1928 година во Скопје. По завршувањето на театарската школа, студирал и организација на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје. Одиграл 14 улоги: од Поцко во „Чорбаџи Теодос” (1945), преку Зија во „Гоце” (1951), Тренко во „Македонска крвава свадба” (1953), Офицер во „Отело” (1954), Френсис Нерс во „Вештерките од Салем” (1955), Петров во „Оклопниот воз 14-69″ (1957), до Иван Петрович Восмибратов во „Шума ” (1959).

– Стефановски во аналите на Македонскиот народен театар ќе остане засекогаш не само како актер, но и како човек кој го раководеше театарот во неговиот значаен период од 1983 до 1988 година. Беше и директор во Драмски театар – Скопје, во период од 26 години. Дел од историјата на МНТ и воопшто на македонскиот театар е запишана од Стефановски во книгите кои се однесуваат на театарот и кои сведочат за годините наназат, наведуваат од МНТ.