КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Консензус

43

Можеби е наивно, во вака поделено општество како македонското, да се зборува за консензус, а не пак да се напише за тоа. Сепак отворениот пристап е нужност. За каков консензус се зборува? Не само за надворешно – политички прашања или стратешки интереси. После влезот на Македонија во НАТО, едно крупно прашање е затворено. Унитарноста на Републиката, како уставна категорија е загарантирана. Секако дополнително, со оглед на фактот што таа унитарност ја гарантираат и македонските безбедносни сили.

Сега ден за ден, доаѓаме до „реалните теми“. Тоа се прашања, проблеми со кои се соочува граѓанинот на дневна основа. Секој од нас, без разлика на било кој идентитет да припаѓаме. Ако лебот поскапи, поскапо ќе биде и за шиптарот и за каурот. Се разбираме, нели? Тие реални прашања се предмет на работа на пристапните преговори со ЕУ. Ама баш во фокусот. Тоа е многу поопиплива материја за „обичниот човек“, од онаа со преговорите за НАТО. Тоа го живееме. И секако, сите сме во очекување, работите да станат подобри. Многу подобри. Тие преговори се предмет на работа на македонскиот тим. Но во исто време, тие преговори се шанса за македонското општество. Барем во мојата глава.

На каква шанса мислам? ЕУ е силен фактор кој мобилизира „разумно“ поведение во сите земји, аспиранти за полноправно членство. Исто и во Македонија. Во име на тој разум и потреба на сите нас, час поскоро да станеме членка на Унијата, имаме неповторлива можност за „општествен компромис“. За консензус по многу прашања. Не мора за сите. Резултат на тој консензус не треба да бидат „амнестии“ или слични решенија, кои се оксиморон со европските вредности. Предлогот е тоа да биде консензус за „реалните теми“, чиј плод ќе бидат долгорочни стратегии за развој на образованието, економијата, капиталните инвестиции, јавниот сектор, безбедносните служби и сл. Зошто баш во овој процес ја гледам таа шанса? Наспроти „суетното“ делување на политичарите и истакнување на партискиот пред државниот интерес, личните потреби пред каузата, од чисто прагматични причини, очекувам сите да констатираме потреба од вклученост во процесот. А тоа е некапацитетност на ниту една партиска структура, сама да ги спроведе тие преговори, без да вклучи активисти од сите области, сите капацитети на општеството. Соочување со фактот дека работата треба да се заврши, нужно налага „паѓање на суетите“ и соочување со реалноста. Ако веќе преку тој пристап се дојде до основен општествен дијалог, особено политички дијалог, тогаш може да се искористи таа можност, тема по тема, да се продискутира на сите можни нивоа и заинтересирани страни, и да се дојде до решенија на „долги стази“.

Пример кој би бил наједноставен, тоа се капиталните инвестиции. Нема тука проект на ВМРО ДПМНЕ или на СДСМ. Нема тука ова е наше, а она Ваше. Се утврдуваат приоритети во кои ќе се инвестира следните 20 години. Ако тоа е сообраќајната инфраструктура, тогаш се донесува КОНЕЧНА програма за таа намена. Тоа е консензулана програма, без разлика на тоа која партија управува со Републиката, ја спроведува таа програма, онаму каде што застанале предходните. Како ќе се натпреваруваме? Едноставно. Кој ќе успее да обезбеди повеќе средства за таа програма, кој ќе направи километар повеќе, кој ќе реализира со помалку корупциски скандали и сл. Се тоа се мерливи параметри. Но никако нема да се пристапи кон прифаќање на „креативни идеи“ на министерчиња, кои мислат дека светот започнал од денот, кога тие станале тоа. Нема овој автопат е наш, а оној Ваш. Туку ние направивме 100км автопат, а Вие 87км. Па народ нека суди. И така се со ред, долгорочно испланирано, соодветно буџетирано и реализација во континуитет.

Образованието е тема која има насушна потреба од ваков консензус. Која власт и да дојде, ајде се од почеток. Нова стратегија, нов концепт на образование, нови учебници, се послаби автори, нова глупост станува императив и така со децении. Кога ќе се затвора тоа поглавје со ЕУ, се седнува и се отвара општествена дебата. Сите на куп. И шуто и будало, викаат старите. Јас повеќе мислам на експертите и на засегнатите од сите партии, бизнис заедница, општини, степени на образовании… сите. Се заклучува кој систем на образование, меѓународно потврден за еден од најуспешните, ние ќе го имплементираме кај нас, следните 50 години. Секако компатибилен со европскиот. И точка! Нема тука ново министерче во 2028 година да започне се од почеток. НЕ! Ако проба, ќе му се заблагодариме на министерувањето. Ние од ВМРО ДПМНЕ ќе покажеме дека успеавме да ги зголемиме платите на просветните работници, а Вие од СДСМ дека сте изготвиле подобри наставни помагала. А овие од БЕСА, дека престанале да измислуваат топла вода. Министерот од ДУИ ќе нема задача да биде „албански херој по нарачка“, туку ќе му биде оставено да покаже колку знае и умее, да спроведе поголем дел од програмата, подобро од неговиот предходник. Така ќе биде „вистински херој“ и за албанците и за сите други. Зашто докажал дека и Албанец, може да направи повеќе за македонското образование.

И така за многу области, за многу прашања. Дајте да се разбереме веќе еднаш и дајте да се натпреваруваме кој создал повеќе, а не кој повеќе м’ ограда срушил. Дајте да се разбереме и за загадувањето во македонските градови и дајте да го затвориме тоа прашање. Брука е за сите нас, секои три години, се носи нова стртегија за загадувањето за следните 10 години, за да после три години, ново министерче, макар и експерт за вентили, да констатира дека само што сме започнале со изработка на нова стратегија. Луѓе, дури правиме стратегии врз стратегии и се расправаме која стратегија е подобра, ни се разболе народот. Дајте бе еднаш да седнеме сите заедно, да направиме една стратегија за следните 20 години и да се натпреваруваме кој повеќе реализирал од таа стратегија. Дајте да го извадиме најдоброто од сите нас и да ја направиме вистинската стратегија, која вистински ќе не спаси од отровов. Дајте бе луѓе! Народот тоа ќе знае да го оцени. Не бидете себични, ќе се знае кој предложил подобри решенија. Кој е подобар за нивна реализација. Ќе бидат благодарни граѓаните. Ќе владеете подолго, аман само да направиме компромис, консензус, како сакате. Но за следните 50 години, да имаме вистински решенија. ЕУ е единствена шанса за тоа. Ќе биде касно после. Дури се сетиме, ќе траат преговорите повеќе од деценија. Дајте да ги завршиме за помалку од една деценија. Зашто на крајот, сите губиме. Ако имаме консензус, и на оние од ЕУ ќе им биде полесно. Ќе знаат што сакаме.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)